„Партизанување – траги на борбата“: Едновечерен изложбен настан во Сојуз на борците

Кураторката Ивана Васева подготви едновечерен изложбен настан со наслов „Партизанување – траги на борбата“, кој ќе се одржи вечер (30 март), од 19 до 23 часот, во Сојуз на здруженијата на борците од НОВ Градски одбор Скопје (адреса: бул. Климент Охридски бр.58 кат 3). Поради изведбениот карактер на делата, настанот почнува на време.

Поставката во Сојузот на здруженијата на борците од НОВ Градски одбор Скопје вклучува дела на неколку уметници од Македонија, Србија и Хрватска, како Игор Грубиќ (Загреб), Ивана Драгшиќ (Скопје), Филип Јовановски (Скопје), Здружение КУРС (Белград).

Спојувањето на овие автори во една целина, на едно генерално ниво ги потенцира вредностите на народноослободителната борба против фашистичките тенденции и ги повикува на идентификување современите манифестации, со скриена или јасна визија и апелира на нивна демистификација како и соодветна реакција.

Културната политика на партизанската уметност и на народноослободителното движење, како и културната политика на Југославија кон тоа наследство, наспроти денешните форми на агресија и бришење, е во фокусот на овие дела, но тие зборуваат и за начините на кои оперираат ревиозионистичките, националистички и капиталистички ориентирани влади за кои е многу важно подетално и покритички да се согледаат во овој контекст.

Делата се обединети и во една именска изведенка – партизанување, од партизанува или партизан, уште еднаш посочувајќи на револуционерното минато, но и на первертираните и силно политизирани приврзаници на партија кои криејќи се позади големи идеи кријат ситно партиски интереси. Токму во оваа дихотомија постои денешното македонско општество.

Она што ќе се одвиткува пред публиката не е класичен изложбен формат во „бела коцка“, туку излегувајќи од овие рамки се обидува да покаже една жива, трансформативна и процесуална идеја, која се проследува директно во моментот и пред „учесниците“ во неа. Публиката е вклучена активно во процесот на поставување прашања и тези – која е националната борба и за кого е наменета и се соочува со две контрадикторности – која е националната борба во минатото и сега. Таа, исто така, на еден поетичен и суптилен начин, потсетува на вредностите на народноослободителната борба кои се одразуваат и во самите почетни цитати.

„Партизанување – траги на борбата“ е едновечерна продукција во перформативен формат. Во една целина се поврзани културните придобивки на народноослободителната борба – Ивана Драгшиќ зборува за трагичната но уникатна личност и поет Ацо Караманов, здружението КУРС (Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ) зборуваат за едно важно поглавје од историјата на српското народноослоботелно движење со фокус на три посебни епизоди, додека Грубиќ зборува за поетичноста, грандиозноста и велелепноста на спомениците од југословенскиот модернизам кои ја чествуваат народноослободителната борба.

Авторот Филип Јовановски, пак, презентира една друга страна на читањето за НОБ, односно се надоврзува на современите толкувања и вулгарности кои произлегуваат од толкувањето и поврзаноста на комунизмот со НОБ и различните јазични и материјални манифестации во современиот македонски контекст.

Овој едновечерен изложбен настан е продуциран во рамки на проектот „Траги на борбата“ во организација на „Плоштад Слобода“ од Скопје и нивните партнери „Креативен синдикат“ од Загреб и „Теорија која хода“ од Белград, како и нивниот партнер„ Кооператива“ – Регионална платформа за соработка од Загреб.

Распоред на прикажување на делата:

19:00ч./ перформанс – есеј „Предлог за споменик на комунистичката курва“/ Филип Јовановски (во изведба на актерката Кристина Леловац)

20:00ч./ перформанс на импресии „Сребрени соништа“/ Ивана Драгшиќ

21:10ч./ промоција на книга „Предавања за одбраната: прилози за анализа на културната дејност на Народноослободителното движење“/ Здружение КУРС (Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ)

21:45ч./ проекција на филмот „Споменик“/ Игор Грубиќ

Плакатот за настанот е фотографија на графит во Битола. Името на авторот на графитот е непознато, известија организаторите.