Париз забранува автомобили првата недела во месецот

Секоја прва недела во месецот ќе се забрани возење автомобили во центарот на Париз, како една од мерките за справување со големото аерозагадување.

Мерката стартува на 7 октомври, а овој потег е дел од иницијативата за почист воздух предводена од градоначалничката Ана Хидалго. Мерката веќе се применува во мал дел од градот, но сега ќе се прошири на поголема површина.

Од 10:00 до 18:00 часот пешаците и оние на велосипеди, скутери и ролери ќе може да се движат во центарот на градот. Сепак, возилата на локалните жители, дистрибутерите, јавниот превоз, таксистите ќе можат да влезат и негувателите да излезат од центарот на Париз само на одредени места, а возилата ќе мора да ја ограничат брзината до 20 километри на час.

„Оваа мерка, што со нетрпение беше очекувана од жителите е плод на важно партнерство меѓу полицијата, градоначалниците на окрузите и локалните здруженија“, рече градоначалничката Хидалго.

Кристоф Најдовски, заменик-градоначалник на Париз, додаде: „Ќе ги покриеме повеќето улици, со исклучок на главните патишта како Булеварот Себастопол, кој ќе остане отворен за сообраќај”.

Не е првпат градоначалник на Париз да предложи радикално решение за борба против загадувањето на воздухот. Во март оваа година, Хидалго ги објави плановите за разгледување на можноста за бесплатен градски јавен превоз.

„За да го подобриме јавниот превоз, не само што треба да го направиме почест, поредовен и поудобен, исто така мораме да го преиспитаме и системот на цени“, се вели во соопштението од градоначалничкиот кабинет.