Параолимпијадата во Рио отворена со порака за инклузивност и свирежи за претседателот

На стадионот Маракана ноќеска свечено беа отворени Параолимписките игри во Рио. Илјадници натпреварувачи продефилираа за време на двочасовниот спектакл. Церемонијата покрај тоа што беше исполнета со бои, музика и порака за инклузивност, ја одбележа и негодување на присутните кон политичката ситуација во Бразил.

Отворањето започна со точка на акробатот во инвалидска количка, Арон Велз. Тој од залетиштето леташе низ круг со огномет од сите страни.

paraolimpijada-2

Акробацијата на Арон Велз за почеток на Параолимписките игри

Секоја нација носеше делче од сложувалка, која од едната страна го имаше името на државата, а од другата страна лицата на натпреварувачите. Комплетираната сложувалка од сите учесници формираше големо срце кое чукаше во ритамот на музиката.

Впечатлив момент од церемонијата беше кога силни светла привремено ја „заслепија“ публиката, принудувајќи ги да се препуштат на другите сетила покрај видот. Овој дел од церемонијата се обиде барем за момент да ја долови реалноста со која се соочуваат натпреварувачите на Параолимпијадата.

Политичките фигури кои имаа свои обраќања не беа добро прифатени од публиката на стадионот. Бразилскиот претседател Мишел Темер и претседателот на бразилскиот олимписки комитет Карлос Нузман беа исвиркани за време на говорите. Веќе подолго време Бразил е зафатен со политичка нестабилност и немири по улиците.

Параолимписките игри ќе траат до 18 септември. 4350 натпреварувачи од 160 држави ќе се борат во 22 спортски дисциплини за вкупно 528 златни медали.

paraolimpijada-3

paraolimpijada-1