Пандемијата на коронавирусот продолжува да се шири, но растот на бројот на новозаразени и смртни случаи во светот забавува, со исклучок на југоистокот на Азија и источниот Медитеран, соопштија од Светската здравствена организација (СЗО), пренесува хрватски „Индекс“.
Во последниот извештај за епидемиолошката состојба, од СЗО истакнаа дека Северна Америка и Јужна Америка и понатаму остануваат најтешко погодени, односно, таму се забележани половина од новите случаи и 62% од 39-те илјади починати минатата недела.
Бројката на заразени со Ковид-19 на светско ниво се искачи на повеќе од 23.6 милиони луѓе, додека 811 илјади починале.
„Во неделата што заврши на 23 август, СЗО извести за 1.7 милиони нови случаи на Ковид-19 и 39 илјади починати, што е за 4 отсто помалку заразени и 12 отсто помалку смртни случаи во однос на една недела претходно“, соопштија од СЗО.
Вториот најпогоден регион, Југоисточна Азија, бележи нов раст од 28% новозаразени и 15% повеќе починати. Повеќето од нив се во Индија, но вирусот забрзано се шири и во Непал.
Во источниот Медитеран бројот на заболени се зголеми за 4%, но бројот на починати опаѓа во последните шест недели. Најбрз раст, во однос на минатата недела, се бележи во Либан, Јордан и Тунис.
Бројот на новозаразени и на починати во Африка опадна за 8% и 11%, „првенствено поради падот на бројот на случаи во Алжир, Кенија, Гана, Сенегал и Јужноафриканската Република“.
„Во Европа, бројот на случаи се зголеми во изминатите три недели“, стои во соопштението на СЗО, „но мал пад од 1% е забележан минатата недела, а бројот на смртни случаи паѓа низ целиот регион“.
Во регионот на западен Пацифик, бројот на случаи опадна за 5%, првенствено поради успорувањето на ширењето во Јапонија, Австралија, Сингапур, Кина и Виетнам.