Пандемијата поттикна да се зголеми бројот на онлајн злоупотреба на деца

Случаи на злоупотреба на деца преку интернет се зголемиле годинава заради пандемијата на Ковид-19, информираат од Европол.

Според директорката на Агенцијата на ЕУ за борба против криминал, Кетрин Де Бол, ваквиот развој на настаните „претставува особено голема загриженост“, бидејќи ширењето на ваквиот материјал е „многу поголем сега отколку пред пандемијата“.

„Гледаме нагло зголемување на ваквата злоупотреба на интернет. Тоа е постојана опасност”, изјави таа за „Функе“.

Де Бол вели дека измамниците се обидувале да контактираат со деца кои сурфале на интернет дома подолго од вообичаеното за време на карантините и кои честопати не биле надгледувани.

Европол, чие седиште е во Хаг, Холандија, им помага на 27-те земји-членки на ЕУ во борбата против тероризмот, компјутерскиот криминал и другите сериозни и организирани форми на криминал.