Отворено писмо на специјализантите до сите политички субјекти во Македонија

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари објави отворено писмо до сите политичари, партии и институции во Македонија. Писмото го пренесуваме во целост.

Ви се обраќаме по повод нашите активности за подобрување на статусот на младите лекари во Република Македонија, а во пресрет на предвремените парламентарни избори, во оваа прилика и јавно, со оглед на фактот дека до овој момент НИЕДНА политичка партија, коалиција и сл. не се одважи да се изјасни по однос на барањата и ставовите срочени во Декларацијата за ефективни здравствени политики.

Свесни сме дека проблемите од областа на здравствениот систем се сигурно едни од најтешките и најсериозни предизвици со кои се соочува едно современо општество, но сметаме дека е неопходно да посочиме на ситуацијата во која се наоѓаме и проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Длабоко понижени и обезвреднети, бараме од Вас да биде слушнат нашиот глас и заедно, веднаш да започнеме борба за подобрување на нашиот моментален статус, а вооедно и на здравствениот систем. Нашите проблеми се и проблеми на сите наши граѓани, бидејќи тие го имаат крајниот бенефит од нашето образование, труд и работа. Сметаме дека задоволен пациент може да има само доколку има задоволен лекар.

Во Декларацијата која Ви ја праќаме во прилог, ќе се обидеме да ги сублимираме, според нас приоритетните проблеми на младиот лекар во Република Македонија, како и конкретни предлози за нивно решавање со цел спречување на најголемата закана која тие ја наметнуваат а тоа е миграција на младите лекари. Само во последните неколку години државата ја напуштиле преку 500 млади лекари, а трендовите говорат за експоненцијално зголемување на овие бројки од година во година. За да бидеме во можност непречено да ја вршиме својата професионална должност и обврска кон нашите пациенти, нашите сограѓани, во оваа прилика се обраќаме до Вас, како и јавно до оние за кои постоиме, нашите пациенти, за да ве информираме за состојбата во која се наоѓаме, а за која веруваме дека е дотолку неприфатлива за Вас колку што е и за нас, па не тера да заминуваме од Македонија, од нашите домови, да ги напуштаме нашите семејства и пријатели, и да ги оставиме нашите сограѓани на милост и немилост на иднината.

Почитувани, зарем ние, вашите млади лекари, оние во чии раце ќе бидат вашиот живот и здравје во иднина, само толку малку вредиме во вашите очи? Зарем треба да заминеме сите од Македонија, за да се превземе нешто? Декларација за ефективни здравствени политики за млади лекари и докторите специјализанти во Република Македонија

Со потпишување на оваа Декларација, нашата политичка партија ________________________ во Парламентот на Република Македонија ќе се залага за:

  1. Дефинирање и гарантирање на ДОСТОИНСТВЕНА минимална плата за младите матични лекари ангажирани во примарното здравство, преку редефинирање на системот на капитација
  2. Фер и достоинствено финансиско субвенционирање за млади лекари кои сакаат да работат во примарно здравство
  3. Намалување на административните обврски на ниво и стандард согласно Европските и Светски норми
  4. Лимитирање на бројот на пациенти на кои еден доктор може да им биде матичен лекар на 1500
  5. Решавање на статусот на приватните специјализанти – да добијат времено вработување, плата и придонеси за пензиско и здравствено осигурувaње, согласно што ќе важат за нив сите обврски, но и сите права од Законот за работни односи и Законот за здравствена заштита.
  6. Менување на договорите на државните специјализанти со јавните здравствени установи – односот на годините кои треба да се одработат по завршување на специјализациите и финансиските средства кои треба да се вратат во случај на напуштање да биде 1:1 со разумна законска затезна камата, како што е пракса во сите Европски земји, без враќање на платите кои се чесно заработени.
  7. Дежурства на специјализантите да бидат платени како во согласност со законот за работни односи така и според потребите на установата кадешто се врши турнусот – во спротивно истите да се укинат.
  8. Сите предавања, вежби и активности на специјализантите да бидат во рамките на работното време од 8 часа, што е директна препорака на Евроспката Комисја, со тенденција за намалување на тоа време.
  9. Укинување на интермедиерниот испит.
  10. Поништување на нереалните казни и дискриминацијата по различни основи, пр. Губење на специјализацијата при боледување подолго од 12 месеци или породилно подолго од 24 месеци.
  11. Отстранување на задолжителната тримесечнaтa обука во странство како услов за добивање на лиценца за работа како специјалист во Република Македонија.
  12. Укинување на видеоснимањето и емитувањето во живо преку интернет за време на колоквиумите и испитите – таквата пракса ја нарушува приватноста, деградирачки делува и претставува дополнителен стрес за специјализантот.
  13. Дефинирање на стручната литература за секоја специјалност и да се обезбеди нејзина достапност за сите специјализанти. Објавување на базата на прашања за колуквиумите и испитите изготвена според оваа литература.
  14. Редовно објавување на конкурс за специјализации, минимум еднаш годишно, наспроти досегашната пракса на секои две до три години.
  15. Продолжување на рокот за полагање на специјалистичкиот испит од една на две години.
  16. Изработка на здравствена државна стратегија за млади лекари за периодот 2016-2026
  17. Вработување на најдобрите 10 студенти од генерација во терциерните, клинички установи Валоризација на времето поминато во општа пракса т.е матичен лекар при бодување на конкурсот за доделување на специјализација
  18. Валоризација на времето поминато во општа пракса т.е матичен лекар при бодување на конкурсот за доделување на специјализација