Отворено писмо на лекарите специјализанти до пратениците

Лекари специјализанти и идни специјализанти на Медицински факултет – УКИМ упатија отворено писмо до пратениците и министерот за здравство, револтирани од тоа што не се земени во предвид нивните предлози во новите измени во Законот за здравствена заштита кој треба да се најде на собраниска седница. Тие велат дека новите законски решенија за специјализирање се дискриминаторски за нив, како и дека ваквите решенија дополнително ќе го зголемат заминувањето на лекарите во странство.

Писмото го пренесуваме во целост:

„На јавната расправа одржана во Собранието на РМ по повод новите измени во Законот за здравствена заштита, групата на лекари специјализанти и идни специјализанти го елаборираа својот став кон дискриминирачките и нефер законски решенија за специјализирање. За жал, иако во многу прилики се покажа дека аргументите се на наша страна, веќе на 27 јануари (Среда) закажана е Пленарна седница во Собранието на РМ на чиј дневен ред е и дополнувањето на Законот за здравствена заштита, со текст во кој НЕ Е ПРИФАТЕНО НИТУ ЕДНО ОД БАРАЊАТА од Петицијата потпишана и испратена од страна на 350 лекари специјализанти.

Наместо времено вработување на сите специјализанти, овој закон наложува секој приватен специјализант да работи со полно работно време од 8 часа дневно и еднаш неделно непрекинато 24 часа, да исполнува работни должности и работни задачи од работно место и да биде казнуван за повреда на работна дициплина, а при тоа да не добива НИТУ ДЕНАР ПЛАТА, да нема ниту пензиско, ниту здравствено осигурување, што е еднакво на робовладетелство.

Наместо фер 1:1 договори, овој закон наложува секој државен специјализант да потпише исклучително неповолен, репресивен и уценувачки договор за лојалност, според кој по завршување на специјализацијата треба да одработи до 10 години во јавното здравство или да врати и до 60 000 евра. Помеѓу 7 и 12 илјади евра е сумата за школарина која што државата ја инвестира во еден државен специјализант, а секое враќање на сума енормно поголема од она што е инвестирано е дефиниција за лихварство.

Со ова законско решение се прекршени нашите работнички права и сме дискриминирани по бројни основи! Наместо укинување на интермедиерниот испит, неговото не положување ќе биде причина за губење на специјализацијата. Специјализацијата ќе се губи и во случај на подолготрајно боледување или две патолошки бремености една по друга. Наместо укинување, останува задолжително видеоснимањето и емитувањето во живо на интернет за време на испитите со кое целосно се понижува и деградира белиот мантил.

Специјализантот не е студент, туку дипломиран и лиценциран лекар кој прв ја згрижил раната на вашето дете, тоа е лекарот кој асистирал на вашата операција за отстранување на жолчното ќесе, тоа е лекарот кој го ренимирал и рестартирал срцето на ваш близок. Соочени со вакви брутални услови за специјализирање, сè поголем број на лекари се и ќе бидат принудени да се откажат од специјализирање и оваа состојба во здравството, наместо да ги задржи, само дополнително ќе ja поттикнува миграцијата на лекари, која и онака е глобален феномен.

Ние, специјализантите, кои го сочинуваме еден од главните столбови на здравствениот систем, доколку останеме да се едуцираме под овие услови во Република Македонија, понижени и дискриминирани на секој чекор и во постојана борба со егзистенцијални бремиња, стравуваме за тоа колку ќе можеме да допринесеме за изградба на цврст, стабилен и сигурен здравствен систем и пред сè стравуваме за безбедноста на пациентите во него!

Јавно ги повикуваме Министерот за здравство и пратениците во Собранието на РМ уште еднаш добро да размислат и да покажат добра волја за решавање на нашите проблеми. Ги повикуваме да размислат каков здравствен систем градат и како во него ги третираат специјализантите како идни носители на секундарното и терциерното здравство. Никогаш не е доцна за правични одлуки. Апелираме за ништо повеќе, ниту помалку од она што го заслужуваме – достојни и фер услови за работа и едукација и извор на егзистенција во оние години во кои тоа ни е најпотребно, во годините во кои целосно посветено и професионално се вложуваме за нашите пациенти и нивното здравје. Да бидеме земја за пример, земја која ќе го реши проблемот со медицинската миграција!“