Отворен повик до училиштата за учество во Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“

Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор’’ – Македонија го објавува отворениот повик до училиштата за учество во Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ кој се спроведува во соработка со Бирото за развој на образованието (БРО) и Државниот испитен центар (ДИЦ).

Целта на проектот е да се подобрат јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија, да се зајакнат педагошките вештини на наставниците, особено вештините за формативно оценување и проценка на нивото на јазична и математичка писменост кај учениците, и да се подигне свеста кај целата заедница за тоа колку е важно описменувањето на рана возраст.

За остварување на овие цели, во првата година од спроведувањето на овој проект ќе бидат избрани 20 пилот училишта во кои ќе се спроведуваат различни активности за унапредување на јазичната и математичката писменост. Истовремено, од училиштата ќе се очекува активно да учествуваат во спроведување на активности во локалната заедница.

Сите основни училишта во Македонија, централни и подрачни, може да изразат интерес за учество во проектот, преку пополнување на пријавата. За полесно пополнување на пријавата следете го деталното упатство.

Поднесувањето на пријавата ќе започне на 11-ти септември и ќе трае до 25 септември 2013 година, до 17 часот. Сите пријави примени по овој датум нема да бидат земени предвид.

Пријавата може да биде пополнета на македонски или албански јазик и доставена по електронски пат на aplikacii@stepbystep.org.mk.

Доколку имате прашања во врска со пополнување на пријавата, Ве молиме контактирајте ја канцеларија на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, на телефонскиот број (02) 3077 900 локал 13 или 14, секој работен ден од 08:00 до 17:00 часот.