Отворена првата куќа за родители чии деца се на подолг престој во болница

Од денеска „Родителската куќа“ ги отвори вратите за родителите чии деца се на подолг престој во болница, а кои не живеат во Скопје, каде се наоѓа единствениот центар за лекување на малигни заболувања кај деца.

Во родителската куќа изградени се четири апартмани. Родителите кои ќе престојуваат во куќата ќе може да ги користат заедничките простории како кујна, трпезарија и дневна соба. За децата кои ќе престојуваат во оваа родителска куќа ќе има посебно опремена соба за едукација и разонода, како и библиотека. Престојот во куќата и појадокот ќе биде бесплатен, а во куќата ќе може да престојуваат само оние родители кои ќе добијат препорака од одделенските лекари и директорот на Детската клиника, каде се лекуваат децата.

„Родителската куќа“ е заеднички проект на Министерството за здравство и Здружението на граѓани „САНО“ од Скопје“. За функционирање на куќата ќе се грижи здружението, а министерството ја презема обврската околу комуналиите.

„Со гордост можам да кажам дека едно младо здружение кое се грижи за здравјето на децата заболени од малигни заболувања и нивните родители успеа за првпат во Македонија да отвори куќа, во која ќе можат да престојуваат родителите чии деца се на подолг пресот во болница, а не се од Скопје“, рече претседателката на здружението Јелена Димовска.

Покрај можностите за сместување, на родителите во „Родителската куќа“ ќе им биде овозможена и психолошка поддршка.

„Нема да дозволам повеќе родителите да спијат кај роднините, по околните подруми во куќите околу клиниките и автомобилите, додека нивните деца се борат за живот. Отсега, тие ќе имаат свој дом“, изјави министерот Венко Филипче.