Отворена Порта: Над 6 000 лица се јавиле на СОС линијата за помош од трговија со луѓе

Досега се јавиле повеќе од 6 000 лица на СОС линијата за помош од трговија со луѓе.сооштија од невладината органицазија „Отворена Порта“ која одбележува 20 години од своето основање и активно делување во борбата против трговија со луѓе.

По тој повод здружението во текот на вчерашниот ден организираше јавен настан каде граѓаните можеа да ја увидат работата на институциите од изминативе 20 години, да се запознаат со политиките за подобро идентификување и заштита на жртвите, но и со алатките за навремено откривање на ранливоста и едуцирање на пошироката јавност околу оваа проблематика.

„Отворена порта ја оперира првата и единствената бесплатна СОСлинија , која што започна со работа во далечната 2002 година.  Досега се јавиле повеќе од 6 илјади граѓани. Се имаат јавено жртви, загрижени граѓани, професионалци, како и луѓе кои едноставно побарале информација за да донесат одлука во однос на вработување, на патување итн.“, открива Јасмина Димишковска Рајковска, основачка и извршна директорка на „Отворена Порта – Ла Страда“.

„Отворена Порта“ во периодот помеѓу 2014 до 2019 година обезбедуваше помош и поддршка на бегалци и мигранти кои транзитираа долж балканската рута.

,,Низ земјава поминуваа млади лица, жени, деца, повозрасни, болни и изнемоштени, со што помеѓу нив имаше и жртви на трговија со луѓе или лица Ово ризик да бидат жртви на трговија со луѓе, потенцијални, претпоставени кои требаше да се идентификуваат што навистина беше предизвик во една таква ситуација, на толкава бројка на луѓе кои многу кратко се задржуваа во нашата земја“, вели Рајковска.

Искуството од досегашната работа на „Отворена Порта“ покажува дека официјалната бројка на идентификувани случаи на трговија со луѓе не ја отсликува реалноста во нашата држава.

„Огромен број од жртвите на трговија со луѓе немаат доволно храброст да го пријават случајот. Пред се поради постоење на страв, срам, но и недоверба. Оттука е многу важно да се вклучат повеќе чинители на идентификација, како трудовите инспектори, образовниот кадар, медицинските лица, но и јавноста се со цел навремено идентификување и упатување на жртвите до соодветниот систем на заштита и истовремено ефективен прогон на сторителите на ова кривично дело“, истакнува Марија Тодоровска, програмски директор во невладината организација „Отворена Порта – Ла страда“.

Од Министерството за внатрешни работи сметаат дека е потребна едукација на сите полициски службеници, особено на оние кои сега се во делот на националната единица, а кои ја поминаа базичната и напредната обука, но потенцира дека едуцирањето треба да продолжи и понатаму каде нивната цел е да се прават обуки во смисла на конкретни ситуации, односно на вистински случаи.

„Потребна е обука од најмала возраст во училиштата. Колку се поедуцирани младите за проблематиката или за опасностите кои ги демнат од овој вид на криминал, бенефитот е заемен. Од една страна, ќе имаме млади кои препознаваат опасност и можат да пријават, а од друга страна ќе имаме млади луѓе кои нема да се доведат до ситуација да станат жртви на трговија со луѓе“, изјави Маркудов Љупчо, началник на единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и помошник на раководителот на националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе.

Од 2005 г., во рамките на Отворена порта функционира првото  и единствено прифатилиште, каде што на жртвите од трговијата со луѓе им се обезбедува директна  помош и поддршка  во надминувањето на тешкотиите со кои се соочиле, а од 2019 година, прифатилиштето е отворено и за жртвите од сексуално насилство. Досега Отворена порта асистирала 168 жртви.

Според нив патот до закрепнување и реинтеграција на жртвите е долг и трнлив. Тие се соочуваат со многу пререперки при нивното реинтегрирање. Постои недостаток на услуги особено специјализирани Центри за прифат на деца и Центри и услуги за мажи жртви. За жртвите здравствените услуги не се во целост бесплатни, не добиваат бесплатна правна помош и обештетување, имаат ограничен пристап до обуки и можности за вработување и недостасуваат услуги на локално ниво.

Од Министерството за труд и социјална политика пак, велат дека во однос на понатамошното функционирање на целиот систем во насока на поуспешна реинтерграција на жртвите на трговија со луѓе треба да продолжат мобилните тимови да функционираат и да бидат мултиплицирани во други општини, но и да бидат поддржани од локалната самоуправа.

„Овие мобилни тимови работат секојдневно со најранливите граѓани, пред се тука се децата, лицата со социјални проблеми итн, токму затоа за нивно успешно реинтергрирање треба да се формираат фондови на локално ниво и истите тие да ги поддржат сите нивни потреби кои значат за нивно понатамошно реинтегрирање и да допринесат во заедницата каде што живеат. Проблемите со кои се соочуваат институциите на локално ниво, пред се центрите за социјална работа се во однос на недоволната соработка што ја имаат со другите системи, како што се училиштата, здравството итн.“, вели Светлана Цветковска, претставник од Министерството за труд и социјална политика.