Отворена е изложбата „Холокаустот врз Ромите и Синтите и денешниот расизам во Европа”

Германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер, денеска во фоајето на НУБ „Св. Климент Охридски Скопје“ ја отвори изложбата „Холокаустот врз Ромите и Синтите и денешниот расизам во Европа“.

 

Изложбата ја реализира Центарот за документација и култура на германските Синти и Роми (Хајделберг), во соработка со многубројни национални ромски организации во Европа. Таа го документира национал-социјалистичкиот геноцид врз Синтите и Ромите почнувајќи од нивната маргинализација и одземањето на нивните права во национал-социјалистичка Германија, па сè до нивното систематско уништување во окупираната Европа.

Последниот дел од изложбата се однесува на актуелниот расизам против Синтите и Ромите.

На отворањето беа претставени и впечатоците и резултатите oд работилниците за млади Роми кои беа посветени на темата на изложбата, а ги спроведе организацијата МИР, во соработка со Форумот Цивилна мировна служба и финансиска поддршка на Фондацијата ЕФЦ („Сеќавање, одговорност, иднина“).

Изложбата ќе биде достапна за јавноста од 6 до 16 април. Работното време на НУБ „Свети Климент Охридски Скопје“ е од понеделник до сабота, од 10 до 18 часот. Влезот е слободен.