Отворен повик за размена на ученици со партнерско училиште од Западен Балкан

Повикот за проектот „Супер училишта“, програма на RYCO за размена на ученици, е отворен. Повикот претставува можност за училиштата, учениците и наставниците и има за цел да го поддржи процесот за помирување и градење мир како и интеркултурен дијалог и учење помеѓу ученицитe и нивните заедници.

Доколку бидат избрани, средните училишта со оваа програма ќе имаат можност да спроведат училишна размена со партнерско училиште и да учествуваат во програмските активности посветени на градење на нивните капацитети, поврзување и соработка.

„Програмата што ќе се спроведе во следните три години, ќе се фокусира на поддршка на училиштата да развијат и да спроведат размена на млади, да осмислат регионална шема за размена на училишта, со што ќе им овозможат на учениците од средните училишта да се вклучат и да учествуваат во долгорочната програма за размена на RYCO. Се повикува да аплицира секое средно училиште, приватно или државно, од регионот на Западен Балкан. Сите трошоци ќе ги покрие RYCO како дел од проектот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) финансирано од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Европската Унија (ЕУ)“, стои во повикот.

Заинтересираните училишта треба да се регистрираат на страницата www.superschools.net, да креираат свој профил и да пронајдат партнерско училиште од регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија).

Партнерските училишта во својата пријава треба да утврдат и да предложат заеднички активности, кои би се реализирале за време на размената. Првата година од програмата за размена ќе се реализира од февруари до мај 2022 година, а секое училиште ќе организира една посета на своето партнерско училиште, со група од 10 до 20 ученици и еден до двајца наставници. Посетата треба да е во траење од 6 до 10 дена.

Преку програмата за размена, учениците и професорите ќе имаат шанса да патуваат, да се презентираат себеси, своето училиште и обичаите на нивните домаќини и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови на регионот.

За пријавувањето што ќе трае до 28 октомври или за повеќе информации, посетете ја страницата www.superschools.net или контактирајте со локалната канцеларија на RYCO.

 „Супер училишта“ (Superschools) е програма на RYCO за училишна размена во Западен Балкан, која има за цел да ги поддржи процесите за помирување и градење мир, како и интеркултурен дијалог и учење помеѓу училиштата, учениците и нивните заедници.

RYCO е меѓувладина организација, која ја поддржува и ја унапредува регионалната и интеркултурната соработка на младите во Западен Балкан. Програмите на RYCO се фокусирани  на креирање можности за вклучување на младите во активности што го зајакнуваат меѓусебното разбирање и помирување во областа на граѓанско, социјално, образовно, културно и спортско живеење. RYCO иницира и учествува во креирање политики и се залага за реформи. Го поддржува развојот на политичка и социјална клима што го зајакнува и го олеснува процесот на размената кај младите.