Отворен повик за создавање филм за граѓански промени

Организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола распишува отворен повик за заинтересирани за создавање на непрофесионален краткометражен филм на тема „Филм за граѓански промени“ во времетраење од 3 до 5 минути.

Повикот е отворен во периодот од 10 – 17 јуни 2016 година, a сите заинтересирани ќе работат во просториите на Интимен театар – Битола.

Право на учество имаат сите граѓани на Битола кои се заинтересирани во кратката филмска форма и мислат дека можат да го искажат својот став за средината во која живеат преку филм. Пред создавањето на краткометражните филмови учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основните елементи од филмскиот јазик во рамки на две работилници (на 17 – 18 јуни и 25 – 26 јуни) кои ќе ги водат професионалци од областа на филмот. Потоа заедно со монтажер, снимател и сценарист пријавените ќе работат на преточување на идејата во филм.

Учеството е бесплатно и бројот на учесници не е ограничен. Пријавувањето треба да се направи најдоцна до 17 јуни, на filmzagragjanskipromeni@gmail.com .

Учесниците треба да пратат кратка биографија и идеја за филм за граѓански промени. Сите филмови ќе бидат прикажани во Битола и Скопје при што ќе биде доделена награда за најдобар краток аматерски филм од страна на стручно жири.

Организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола функционира како отворена едукативна и продукциска платформа од областа на современата култура и уметност фокусирана кон креирање критички и ангажиран однос кон политичко социјалниот и уметнички контекст во заедницата во која делува.