Отворен е кастингот за гласови за „Јон Вардар против Галаксијата“ 

Отворен е кастингот за гласови за анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата “ објавија на официјалната веб страница на филмот.

„Прочитајте ги индикациите и објаснувањата за ликовите во текстот подолу и снимете ја вашата интерпретација на било каков аудио формат. Вашите апликации испратете ги на contact@lynxanimation.com со назнака „Кастинг Јон Вардар“. Доколку мејлот е потежок од 25 Mb, да се користи платформата www.wetransfer.com. Во името на фајлот задолжително да стои името на кандидатот“, стои во повикот, во кој се ставени за спуштање и текстовите од ликовите во филмот.

Долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја раскажува приказната за Јон Вардар, млад неталентиран актер кој е киднапиран од самобендисан робот со наполеонов комплекс по име Зарк. Судбината на целата галаксија е во рацете на овие два антихеројски лика. Нивната авантура е исполнета со многу смешни ситуации кои ќе и се допаднат и на помладата публика, но и на сите љубители на научната фантастика.

Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а арт дирекцијата е на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Филмот е во продукција на „Линкс Студио“.