Отворен ден на УКИМ

На платото пред Ректоратот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, денеска ќе се одржи промотивен настан „Отворен ден-запознајте го УКИМ“.

Ќе бидат поставени штандови на факултетите, а посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институција во државата, нејзината долга традиција, мисија и визија.

Настанот е првенствено наменет за средношколците ширум Македонија, но претставува и можност за сите заинтересирани кои сакаат да се информираат околу програмите за постдипломски и докторски студии.

Во изложбените простори се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на наставниците и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот: монографии, учебници, преводи и научни списанија.

Покрај другите активности, предвидена е богата музичка програма, во рамки на која ќе настапат бендови од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, како и други содржини.