Откриени три убиени балкански риса во ресторан во Албанија – активистите го вклучија алармот

„Три рисови се убиени, препарирани и изложени во ресторан близу Елбасан: Екстремен чин на варварство кон дивиот свет во Албанија кое го достигнува својот врв! Во еден ресторан на влезот на градот Елбасан има 30% од видовите на дивиот свет во Албанија! За жал не жив, туку убиен, масакриран и изложен на забава на гостите и како украс. Овој невиден случај е пријавен во ППНЕА од градот Елбасан, каде се наоѓаат, не само рисови, туку и мечки, елен и други заштитени видови, во ресторан кој служи дури и јадења подготвени од диви животни и птици“.

Вака на социјалните мрежи, алармираше организацијата за Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА), која го откри скандалот со убиени рисови во Албанија. Како што појаснуваат од организацијата, барем еден од трите риса е убиен неодамна, затоа што нивната споредба на сликите кои ги имаат добиено преку фото замки, покажува дека најверојатно се работи за рис кој бил познат на организацијата, а живеел во планините на централна Албанија.

Останатите два риса пак, од ППНЕА претпоставуваат дека се убиени нешто пред 2017 година, бидејќи од организацијата успеале да набават фотографии на кои се гледа дека прво има два, за на поновите фотографии да се појави и третиот препариран рис.

За проблемот тие ги известиле и меѓународните институции, како Бернската конвенција и Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN), но и албанските власти.

„Со оглед на несигурниот статус на популацијата на балканскиот рис во Албанија и во поширокиот регион, како и строго заштитниот статус што го ужива видот како на национално така и на меѓународно ниво, ППНЕА го пријави овој случај на криволоволство во Обвинителството во Тирана, на 5 јуни 2020 година. Сите докази и информации беа доставени до Обвинителот. За жал, одговорот на надлежните не беше доследен и не беше преземена конкретна акција во следноите неколку дена. ППНЕА, самостојно, успеа да добие фотографски доказ за третиот (свежо убиен) поединец на балканскиот рис, кој во меѓувреме бил  препариран и изложен во внатрешноста на ресторанот, покрај двата постари експонати на рис. Повторно, доказите беа доставени до Обвинителството, но не беше преземена конкретна акција“, стои во реакцијата на IUCN за овој случај.

Од ППНЕА појаснуваат дека единствено биле повикани на средба во Министерството за туризам и животна средина на Албанија, од каде засега нема најава за конкретна акција. Според албанскиот кривичен законик, за убиството на заштитени видови се казнува со казна затвор до седум (7) години, а во Албанија веќе деветта година.

Убиството на една единка прави огромна штета во цел регион

Балканскиот рис го има во само три држави, Северна Македонија, Албанија и Косово. Според проценките на биолозите, во светот се преостанати уште само 40-тина единки балкански рис, распределени во три соседни држави каде заштитата на животната средина е релативно ниско на листата на државни приоритети.

Како што појаснува Диме Меловски, од Македонското еколошко друштво, убиството на рис во било која од трите држави, има страшни последици за загрозениот вид.

„Секоја изгубена единка е огромна загуба за популацијата на балканскиот рис, бидејќи целата таа популација не брои повеќе од 40, можеби максимум до 50 единки. Затоа секоја загуба се познава, и прави голема разлика. Се проценува дека во Албанија живеат десетина восрасни единки на балканскиот рис, кој не само што е загрозено животно, туку има и големо значење“, вели Меловски.

За опстанокот на видот, додава, потребно е мешање на гените на рисовите.

„Мешањето на единки од двете суб-популации, е особено значајно затоа што се мешаат гените и се придонесува за размножувањето. Тоа во екологијата се вика мета-популација, збир на сите суб-популации од Албанија, Македонија и Косово. Сите тие суб-популации живеат одвоено, но за време на репродуктивниот период, одвреме навреме комуницираат. Тие единки од Албанија, би комуницирале со оние во Македонија, што значи дека загубата на една, а можеби и три единки во последните 3-4 години во Албанија е сурово и алармантно“, дециден е Меловски.

„Недопирливите“ убијци на балканскиот рис

Ј.Ј.