Осум нови линии годинава со „Визер“

Осум нови линии преку авиокомпанијата „Визер“ ќе бидат достапни од скопскиот и охридскиот аеродром. Четири ќе бидат воспоставени од скопскиот и четири од охридскиот аеродром.

Од скопскиот аеродром ќе бидат отворени две нови линии кон Германија и тоа кон Баден-Баден и Бремен, потоа кон Ларнака во Кипар и кон Турку во Финска, a од Охрид ќе се лета кон Малме во Шведска, Милано во Италија и кон Меминген и Дортмунд во Германија.

Од март ќе бидат воспоставени двете линии до Германија и авиолиниите од Охрид до Милано и до Малме. Од јули, пак, се очекува да бидат воспоставени двете линии од Охрид до Германија и двете нови дестинации од Скопје до Ларнака и Турку.

Покрај ова, од компанијата најавуваат почести летови кон Гетеборг, Хамбург, Келн и Малта.

Договорот за субвенционирање на евтини авиолинии беше потпишан денеска во Владата. „Визер“ беше единствената компанија која се пријави на тендерот за нискобуџетски авиолинии што го распиша Владата.

Авиокомпанијата е должна да отвори вкупно шест нови линии – две од Скопје и четири од Охрид. Првите две линии од Охрид, „Визер“ треба да ги отвори до 26 март годинава, а останатите две во рок од една година од склучувањето на договорот. Двете нови линии од Скопје треба да бидат отворени исто така до 26 март годинава.

Владата обезбеди финансиска поддршка од околу пет милиони евра за период до 2022 година. Покрај ова, ќе се доделуваат еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра за секоја нова отворена дестинација воведена од меѓународниот аеродром „Скопје“ и меѓународниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид.