Осум нови емисии на Радио МОФ

Радио МОФ ја почнува новата сезона со осум нови емисии. Пет од нив се музички, а три пак се програмски емисии на одредени теми.

Во понеделниците ќе имате можност да слушате дури три од новите музички емисии, во ист ден.  Започнуваме со Илија – Гиле, кој ќе биде ваш водител на Guerilla Radio, музичка емисија резервирана за рок музиката и сите нејзини подвидови, како и историјата и биографијата на повеќе бендови и автори. Терминот за оваа емисија е секој понеделник, во 18:00 часот.

По неа следи нова џез емисија на Радио МОФ, насловена Roaring sounds, чиј водител е студентот по новинарство Христијан Баневски од Куманово. Термин на кој може да ја слушате новата џез емисија на Радио МОФ е 20:00 часот,  секој втор понеделник.

Третото понеделничко музичко изненадување е емисијата за акустична музика Acoustic stream чиј водител е Викторија Мирческа.

Во вторник денот го започнуваме со студенти – психолози од здружението Психеско. За нивната емисија е резевиран терминот во 12:00 часот, секој втор вторник.

Во 18 часот пак, еднаш месечно, ќе може да ја проследите уште една нова музичка емисија за оваа нова сезона, Хип Хоп Манија со Дино Шкрињариќ. Дино ветува многу гости, нова музика и информации за хип хоп сцената, кај нас и во светот.

За во среда се најавени две нови тематски емисии. Јелена ќе ве води низ животот на младите во Скопје, во терминот од 14 до 15 часот, а потоа следува дружба со екипата од Ајде Македонија која ќе едуцира, информира и алармира за проблемите со отпадот. Емисијата е насловена „What a waste“, а ќе се емитува со почеток во 18:00 часот.

Бобан Кулески најавува два концепти за музички емисии Преживеалица и Throwback music, две забавни, информативно едукативни емисии кои ќе се емитуваат два пати месечно во четврток од 17:30 до 19:00 часот. Во нив ќе може да слушнете интересни информации за постоењето, креирањето и популаризацијата на македонска забавна музика, како и да уживате во музичкиот времеплов. За време на емисиите се најавуваат многу гости, а ќе биде и можност да слушнете ремикси од наши диџеи и на познатите македонски евергрини.

На  крајот на јули Радио МОФ го отвори редовниот повик за нови емисии. Во текот на август добивме изненадувачки голем број на апликации за нови емисии и процесот на селекција траеше долго, зaтоа што мораше да поминеме низ неколку фази додека стигнавме до овој краен избор. Осумте нови емисии се резултат на овој избор.

На Радио МОФ секако продолжуваат и добро познатите Поларис, Астросфера, ИТН подкаст, Јас сум Цако, Секси Маало, STR8OUT, Црвен Крст Ќоше, Регенерација, Trancelifting,  Гаражни причи, Временски патници, Club Files …

За се што ќе пропуштите да слушате во живо, тука се профилите на „Mixcloud“ . Сите тематски емисии ќе може да ги слушате на https://www.mixcloud.com/radioMOF/  , додека за музичките емисии посетете го линкот https://www.mixcloud.com/radiomofmusic/ .

Слушај Радио МОФ и размислувај гласно!