„Остави го таблетот, симни се пред зграда“ во среда во Центар

Во паркот Капиштец, во скопската општина Центар, во среда од 18 часот ќе се одржи детска ликовна работилница „Остави го таблетот, симни се пред зграда“.

Идејата на проектот е преку едукативни и уметнички работилници, низ игра, да се стимулираат најмладите жители на општина Центар на дружење со нивните врсници.

„Во текот на летните месеци ќе се организираат ликовни, театарски и музички работилници за деца, кои ќе ги водат искусни професионалци кои работат во овие области.  Сите заедно ќе се потсетиме дека вклучувањето на децата во уметноста е клучно за нивната креативност и општиот развој, а влогот во здрави и креативни деца е наш влог во подобра и одржлива иднина. Колку повеќе децата игаат и се едуцираат надвор – толку подобро за сите“, стои во најавата за настанот, поддржан од општина Центар.

Од таму нагласуваат дека на децата им требаат многу можности за креативна игра и размислување, кои помагаат за здрав психофизички развој.

„Тоа нема да го најдат играјќи се на таблетот. Затоа оставете го и дојдете со нас да цртаме, боиме и да се забавуваме“, велат организаторите.