„Ослободување на просторот“ се сели од Венеција во Музејот на современата уметност

Утре во 20 часот во Музејот на современа уметност Скопје ќе биде отворена изложба „Ослободува на просторот“, која ќе биде отворена за јавноста од среда (13.03) до 30 март.

Поставката третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите: Проектот „Непријатна блискост“го преосмислува објектот ЦК СКМ, односно Владата на Р.Македонија; Проектот „Повторно поврзување“ го конципира просторот во комплексот ПОШТА; Проектот  „#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ го третира платото пред МНТ; Проектот „Дестратификација Скопје“ ја преформулира фасадата и содржината на зградата на НА-МА.

Проектот и изложбата Ослободување-на-просторот ги отвора прашањата што во последниве години ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје. Во идеолошки ретроградната градежна офанзива наречена „Скопје 2014“, што го окупира средиштето на градот со недогледни колони на накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните архитектонски достигнувања. Предлогот на кураторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска и четирите тимови архитекти собрани околу проектот Ослободување-на-просторот, кој беше претставен во македонскиот павилјон на 16. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2018 година поаѓа од враќањето и новото осмилување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.

Во текот на траењето на изложбата во Музејот на современата уметност ќе биде организирана и јавна трибина за прашањата иницирани со проектот Ослободување-на-просторот. Датумот и времето на одржувањето на трибината ќе бидат дополнително објавени.

Куратори се Слободан Велевски, Марија Мано Велевска, доека автори/учесници се : Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Ѓуза, Алесандро Де Лука, Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска.