Оскаровецот Џон Сил: Порано работевме многу напорно, но имавме повеќе слобода

Голем интерес на денешната фестивалска програма на „Браќа Манаки“ во Битола предизвика мастер класата на лауреатот на Златна камера 300 за животно дело, оскаровецот Џон Сил. Пред преполната сала во Центарот за култура во Битола, славниот австралиски кимнематографер говореше за почетоците на својата кариера како фотограф и снимател во телевизиските студија во Австралија.

„Во 60-тите години, во Австралија занимавањето со фотографија и со снимање не се сметаше за сериозна професија, требаше да се работи некоја „вистинска“ работа, но јас едноставно го сакав тоа. Работевме многу напорно во тоа време, камерите беа огромни, се снимаа првите реклами и тв серии, но тоа беше добар тренинг, имавме многу слобода и тоа беше апсолутно фанатастично, рече Сил.

За професионалното напредување и усовршување за Сил како снимател, било драгоцено искуството стекнувано од работата со други сниматели/camera operators-кинематографери/cinematographers, калејќи се на патот до самостоен кинематографер со тоа што на многумина искусни колеги кинематографери им бил снимател/camera operator, па дури и во сопствените филмови како кинематографер тој ја извршувал снимателската работа, што е клучна карактеристика во неговата кариера.

Тој смета дека филмот не треба да се прилагодува на некоја стриктна и предвидлива техника на снимање, туку снимањето треба да ја следи содржината на филмот.

„Не сакам да бидам таков кинематографер што работи толку предвидливо, па кога ќе го видите филмот веднаш знаете за кого се работи и без да му го прочитате името. Се обидувам да работам на вариететни филмови и да го прилагодам начинот на снимање на самиот филм и содржината, наместо филмот да го прилагодувам кон светлото“, подвлече Сил.

Тој додаде дека секое сценарио е различно и треба да му се пристапи од различен агол.

„Треба да ја зграпчите публиката, да ја вовлечете во филмот и да не и’ дозволите да излезе“, рече Сил.

Околу снимањето на реклами, работа со која што се занимаваат многу кинематографери покрај снимањето филмови, Сил вели дека не сака да го работи тоа, бидејќи техниката на снимање на реклами лесно може да му повлијае на кинематограферот во снимањето филмови.

Најџер Волтерс, поранешен претседател на ИМАГО,  кој го водеше разговорот со него, му постави и едно лично прашање – како го одржувал својот долгогодишен брак и покрај професијата која вклучува многу патување и отсуства од домот.

„Најтешкиот начин да се живее животот е кога си со месеци одвоен од семејството. Додека децата беа помали, се селевме низ светот, но откако пораснаа стануваше се’ потешко да ги натераме да ги менуваат училиштата и државите“ рече Сил, а Луиз, неговата сопруга која што беше присутна во салата доби голем аплауз од публиката.

Сил говореше и околу искуствата од снимањето на еден од најзначајните филмови во неговата биографија – „Англискиот пациент“ на режисерот Антони Мингела, со Жулиет Бинош во главната улога, за кој освои Оскар во 1997 година. Сил објасни дека филмот е работен по книга која е толку комплексна, што режисерот го изработил сценариото така што со часови седел и ја препрочитувал одново и одново, се’ додека не ја екстрахирал сржта на романот – а тоа е љубовната приказна.

Публиката во салата, меѓу која беше и вториот оскаровец Алан Старски, гостин на фестивалот, кој вчера одржа мастер класа, го испрати Сил со громогласен аплауз.

На редовните  прес-конференции, денеска беа претставени Владан Радовиќ, кинематограферот на италијанскиот филм „Како луди“, Румен Ќамилов, кој говореше за историската вредност на карикатурите на Василие Поповиќ – Цицо, а кои во моментов, во голем формат, се изложени во прес центарот на фестивалот, заедно со ерменскиот режисер Арман Јерицјан, чиј докуметарен филм „Еден, два, три“ беше прикажан на фестивалот во програмата Најдоброто од „Златната кајсија“ филмскиот фестивал во Ерван.

Доцна вечерва, во Битола треба да пристигне светски познатиот британски продуцент Сајмон Пери кому Друштвото на филмски професионалци на Македонија, годинава, му ја доделија наградата „Голема ѕвезда“ за исклучителниот придонес за македонската кинематографија.