Организаторите на филмски фестивали ги бараат парите од Агенцијата за филм, оттаму се правдаат со пандемијата

Дванаесет македонски филмски фестивали преку јавно соопштение објавија дека уште не ја добиле  одобрената финансиска поддршка од страна на Агенцијата за филм. Од Агенцијата велат дека прават „максимални напори да се задржи континуитетот на фестивалите како значајна културолошка гранка која ја промовира филмската уметност“.

Имено, повеќето домашни филмски фестивали и филмски манифестации од меѓународен карактер објавија дека се наоѓаат во незавидна позиција и за дел од нив е неизвесно нивното одржување годинава.

На реакцијата се потпишани Синедејс – фестивал на европски филм, Македокс – Меѓународен фестивал на креативен документарен филм, Џифони Македонија – филмски фестивал за млади, ОДА – Тетово филм фестивал, Ехо – фестивал на планински филм, Киненова – МФФ, Филозофски Филмски Фестивал, Флипбук – фестивал на европски авторски анимиран филм, Кратово 2020 – Етнолошки филмски фестивал, Галичник Филм Фестивал,  Астерфест – Интернационален Филмски Фестивал, ЕТНОФФ – Меѓународен етнографски студентски филмски фестивал.

„Агенцијата за филм има донесено одлуки и ја исплатила финансиската поддршка само за неколку фестивали и манифестации, додека останатите немаат официјален одговор и покрај многуте дописи, доставени адаптирани програми и буџети согласно ситуацијата со ковид-кризата на барање на Агенцијата уште во мај и јуни годинава. Се обраќаме до јавноста да ја информираме за проблематичната состојба со фестивалите во нашата земја и јавно да побараме властите да назначат нов в.д. директор или да се продолжи мандатот на постојниот директор за да може да се потпишат договорите“, се наведува во соопштението.

Додаваат и дека откако им била одобрена помошта, почнале со подготовки за фестивалите, дел ги одложиле датумите, други пак дел од програмата ја ставија онлајн, поради актуелната пандемија. Исто така, велат, од страна на фестивалите и фестивалските работници беа понудени многубројни алтернативи по примерот на фестивали низ целиот свет.

„На два наврати, по иницијатива на фестивалите, се оствари средба со Агенцијата, кога ни беше ветено дека прашањето со фестивалите ќе биде решено и дека одобрените проекти за оваа година ќе може да се реализираат и да се пристапи, со завршувањето на вонредната состојба во јуни, кон конечно потпишување на договорите. Агенцијата за филм донела одлука (со кратење на доделените финансиски средства) за два фестивали кои се одржаа во јули и август и за два фестивали кои ќе се одржат во септември. Нејасно е зошто од страна на Агенцијата за филм се прават изолирани и селективни одлуки само за некои фестивали, а останатите фестивали се ставаат во неизвесна положба, со што се поткопува сериозноста на организирањето фестивали со интернационален карактер“, велат организаторите на фестивали.

Од Агенцијата за филм велат дека неизвесноста со развојот на пандемијата и дали фестивалите ќе можат да ја реализираат програмата, како и административниот застој заради вонредната состојба, се причина за како што велат, недоразбирањето со овие организатори. Информираат дека во февруари, со Одлуката за финансирање на проекти за организација на домашни филмски фестивали и манифестации, требало да се поддржат вкупно 22 проекти во тековната година. Поради вонредната состојба ги известиле организаторите дека поради вонредната состојба не се во можност да склучуваат договори, а во април побарале информација од страна на организаторите дали се во план да ги одржат фестивалите и покрај пандемијата и дали би ја адаптирале својата програма онлајн.

„Одговори по нашите барања добивме од речиси сите фестивали, но поради неизвесноста на ситуацијата конкретен одговор со датуми на одржување и прецизен план за онлајн или класичен фестивал не добивме. Во меѓувреме со речиси сите организатори на фестивали кои добија поддршка беше остварен состанок (на нивно барање истиот се одржа на 19.јуни.2020г.) каде беше изложен ставот на Агенцијата за филм дека сите фестивали кои имаат конкретна и остварлива програма со конкретни датуми и ревидирани / дефинирани буџети спорен новите услови да достават информации / документација до Агенцијата за филм како би се потпишале Договори“. По одржаниот состанок и испратеното известување до сите фестивали да достават програми и ревидирани буџети, сите доставија одговори, но повторно поради неизвесноста на ситуацијата не сите донесоа конкретни, дефинирани програми и буџети“, објаснуваат од Агенцијата.

Велат дека Управниот Одбор донесол Одлука за измена на износи на фестивалите кои имаа направено измена во претходно доставените програми, како и заклучок за потпишување на Договори со сите фестивали кои ќе се одржат заклучно со месец септември. За останатите фестивали, додаваат, предвиделе тоа да се одлучи во втората половина на месец август најдоцна до почетокот на месец септември.

Во меѓувреме, дел од фестивалите веќе се одржаа, како што е Флипбук – фестивалот на европски авторски анимиран филм. Дел од нив се во фаза на одржување, како Македокс – Меѓународниот фестивал на креативен документарен филм, а дел се најавени за следната недела, како Астерфест – Интернационалниот Филмски Фестивал.