Организации бараат да се криминализира насилството врз жената

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство бара државата да посвети внимание на родово базираното насилство, да го криминализира насилството врз жената и системски да ги адресира овие посебни форми на насилство кои ја таргетираат жената заради нејзината биолошка и социолошка природа.

Реакцијата доаѓа откако во Крива Паланка е пронајдена жена, која според првичните наоди била силувана и брутално злоставувана од засега непознат сторител. 35  годишната жена е штитеник на Дневниот центар за лица со посебни потреби, но живее сама во семејната куќа.

„Како мрежа во која членуваат 27 организации кои повеќе од 20 години работат  посебните форми на насилство врз жената бараме од надлежните институции да превземат мерки да го разрешат случајот и соодветно да го казнат сторителот. Овој случај претставува грубо кршење на човековите права, особено на женските сексуални права и слободи кои само делумно се решени во Кривичниот Законик“, се вели во соопштението.

Овој случај, според Националната мрежа, претставува повеќекратна дискриминација на жената каде се искористува нејзината ранливост пред се како жена, штитеник на здравствена институција, без поддршка на блиско семејство и ограничена деловна способност.

Поради тоа, од Мрежата бараат итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа на спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска Конвенција) која овие специјално насочени видови на насилство кон жените и девојките ги третира низ повеќе одредби, а особено во членот 3 со кој се дефинира насилството врз жената и член 36 кој се однесува за сексуалното насилство, вклучувајќи го и силувањето.

„Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на силувањето и адекватно казнување на ваквите случаи, а воедно ќе понуди и едно системско менување на институционалниот одговор кон сите видови на насилство врз жената и семејно насилство.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, Република Македонија ќе ги исполни и јасните барања упатени од страна на Комитетот за човекови права на ОН кои беа упатени на 2-ри и 3-ти јули 2015 година кога беше разгледуван третиот периодичен извештај поднесен страна на  Република Македонија (CCPR/C/MKD/3) на својата 3170-та и 3171-ва седница (CCPR/C/SR.3170 и 3171). Една од клучните препораки на овој Комитет е јасното барање Македонија да го елиминира насилството врз жените и децата, и да разгледа признавање на насилството врз жените и децата како посебно кривично дело во Кривичниот законик“, стои во соопштението.