Општина Зрновци ќе гради стационар за бездомни кучиња во кој ќе помагаат млади лица

Стационар за бездомни кучиња ќе гради општина Зрновци во кругот на фабриката за селектирање комунален смет, на површина од околу 100 метри квадратни.

Во него ќе се наоѓаат неколку боксови за сместување кучињата, а истовремено стационарот ќе нуди и третман на заловените кучиња. Истретираните здрави кучиња ќе може и да се посвојуваат. Од општината неколку пати упатуваа предупредувања до сопствениците да си ги приберат кучиињата, но бидејќи тие ништо не преземаат, општината ќе го решава проблемот со изградба на стационар.

„Ние навистина одлучивме после многу предупредувања до граѓаните да ги вдомат своите кучиња и да ги отстранат од јавните површини бидејќи станаа опасност за граѓаните, особено за децата коишто веќе се плашат да одат на училиште без придружба од своите родители. Од тие причини одлучивме да се отвори стационар каде што ќе бидат сместени сите овие кучиња кои не се обележани и кои ќе бидат прогласени за скитници. Понатаму ќе следува процес на заловување на тие кучиња каде што ќе бидат третирани, хранети се до моментот додека некој не пројави желба да си присвои некое од кучињата или, пак, додека не се појават сопствениците да си го земат кучето, секако со плаќање одреден надомест, изјави Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.

Според Станков, ќе биде избрана фирма која ќе го врши заловувањето, а во боксовите на стационарот кучињата ќе бидат хумано третирани и одгледувани. За нив ќе се грижат младите лица чија идеја беше отворањето на стационарот и згрижување на кучињата.