Опасен хакерски напад врз интернетот

Хакери извршиле еден од најопасните напади врз интернет сообраќајот, при што милиони лозинки, броеви на кредитни картички и други чувствителни податоци станале достапни за потенцијалните кибер крадци, кои можеби ги искористиле уште пред да се открие нападот.

Опасен хакерски напад врз интернет сообраќајот

Според светските агенции, тоа е еден од најсериозните напади врз интернет безбедноста, забележан изминатите години. Нападот е откриен оваа недела и ги засегна технологиите за кодирање, наменети за заштита на интернет адресите, електронските пошти, четовите, интернет трговијата и услугите, пренесе МИА.

Експертите за електронска безбедност, кои го откриле опасниот напад, наречен „хартблид“, се мошне загрижени поради тоа што тој не бил откриен во период од две години.

Тоа го принудило американското Министерство за безбедност вчера да ги предупреди актерите во меѓународниот бизнис и да изврши детална проверка на своите сервери, со цел да утврди дали тие можеби користеле штетни верзии на софтверот, познат како OpenSSL.

Недостигот на тој софтвер, констатиран сега, им дава можност на електронските крадци или хакери да го декодираат електронскиот сообраќај, додека тој патува по интернет, вклучувајќи пасворди, банкарски информации, лични и здравствени податоци и тајни кодови на милиони корисници.

Нападот е откриен од истражувачи на интернет гигантот Гугл и на малата финска фирма за електронска безбедност „Коудномикон“, при што двата тима работеле независно еден од друг.

– Иако има начин оваа безбедносна дупка да биде затворена, се уште има многу причини за загриженост, изјави Давид Шартие, шеф на „Коудномикон“.

– Сметам дека никој од корисниците на оваа технологија, не е во состојба категорично да потврди дека не е засегнат, додаде тој.

Шартие и другите експерти за компјутерска безбедност ги советуваат луѓето да ги сменат сите лозинки, кои ги користат во интернет мрежата, дури и доколку не се сомневаат дека станале цел на хакерски напад, бидејќи тие напади во многу случаи не оставаат видливи траги.