ОМД: Каракамишева ја навреди и понижи македонската младина и дијаспора

Обединетата Македонска Дијаспора излезе со жестока реакција за колумната на провладината аналитичарка и професорка Тања Каракамишева-Јовановска која предизвика бура во јавноста поради нејзината колумна во која тврди дека младите си одат од земјава поради недостаток или разочараност од љубов, а не поради немање перспектива или работа.

Во продолжение следи реакцијата на ОМД во интегрална верзија:

Колумната на Тања Каракамишева-Јовановска што излезе на Бадник, ден пред Божик, во весникот Дневник со наслов “Мујо во Канада” е тотална девалвација на целата македонска дијаспора, посебно на способната младина. Длабоко жалиме за потребите и мотивите поради кои госпоѓата одлучила да се обиде да ја навреди и понижи македонската дијаспора пред најголемиот христијански празник.

Разочарани сме од дрскоста на госпоѓата која по професија е правник да си дозволи да користи таков вокабулар, а и зачудени сме од нејзината самобендисаност, која ја довела до таму да си припише компетентност на секое поле и да стане експерт не само за правни, туку и за психолошки прашања. Уште потажно е што авторот на таа колумна е академски професор и преку соржината дава до знаење дека не е запознаена со научна терминологија и термини како што се “репрезентативен примерок,” “анализа на податоци” и “собирање на податоци.”

Исто така се сомневаме дека госпоѓата е запознаена со етички кодекс и не навела дали пред да ја направи анализата побарала од тие иселеници согласност дека може да ги користи нивните податоци? Ако да, тогаш би требало да објасни како ја извршила анализата, квалитатитивно, квантитативно или пак комбинација, кој метод го користела, итн. Нема да навлегуваме подлабоко во оваа проблематика, но би сакале да укажеме на еден многу важен факт, а тоа е дека во ниедна држава во светот професор, кој е задолжен да публицира научни студии и да раководи научни проекти нема време за објавување на дневни колумни, туку објавува извештаи за тоа што постигнал на научно поле.

Сметаме дека е траги-комично академски професор и член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија да пишува такви навредувачки колумни, а уште потрагично е тоа што госпоѓата наместо во духот на мобилитетот и глобализација да ја охрабрува македонската младина да ги прошири своите хоризонти со престој во странство, во стекнување на студиско и работно искуство, со интеркултурелни способности како и размена на искуства, од кои матичната земја би профитирала, таа не навредува сите нас и придонесува за уништување на сликата за нас во македонската јавност.
Доколку и се потребни информации за нејзината анализа да ја продлабочи и да и даде објективен карактер, како и да ја согледа вистината, спремни сме да и доставиме листа од нашата база на податоци, која и те како говори за тоа колку Македонците се успешни и остварени ширум светот. За тоа цел ние објавуваме во 2014 и во 2015 “40 под 40” листа на најуспешни Македонци во светот. Сите тие и уште илјадници “40 под 40” како нив се реализирани на секое поле и се комплетни и успешни личности.

За тоа дали македонската дијаспора колку средства има и дали тие се само колку да ја покрие својата егзистенција и препорачуваме на госпоѓата да се обрати кај премиерот и кај Народната Банка на Репулбика Македонија. Таму може да добие комплетен увид на тоа колку процентуално е приливот од македонската дијаспора за Република Македонија. Семејствата на иселениците најголемиот дел од парите го користат за покривање на животните трошоци. Околу 160.000 семејства во Македонија живеат само од дознаките од нивните роднини од странство. Износот на тие дознаки е огромен придонес за БДП во Република Македонија.

Бараме јавно извинување во писмена и усна форма од името на севкупната македонската дијаспора (меѓу неа и колеги на госпоѓата, професори на светски универзитети, а сепак иселеници).
На госпоѓата, како и на сите Македонци во светот и во матичната мајка Македонија им посакуваме Среќен Божиќ, благодети, здравје и љубов. Секое добро.