Оксфорд и Кембриџ на врвот на листата на најдобри европски универзитети

Британските Оксфорд, Кембриџ и Империјал колеџот од Лондон се на врвот на годинешната листа на најдобри европски универзитети, која ја составува Times Higher Education. Велика Британија има вкупно седум универзитети меѓу првите десет, каде се најдоа и високообразовни институции од Швајцарија, Шведска и Германија.

Британија (46) и Германија (36) се земјите со најмногу универзитети меѓу првите 200 рангирани на оваа листа. Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ од Минхен е најдобропласираниот германски претставник на листата, на десеттото место.

Times Higher Education анализира 13 индикатори, меѓу кои: истражувањата, предавањето, пренесувањето на знаење и меѓународната активност на универзитетите.

Според уредникот на рангирањето, Фил Бати, меѓународните студенти се „од огромно значење“ за британското високо образование и една од причините зошто британското високо образование е толку успешно. Тие, според Бати, трошат повеќе од 4.5 милијарди фунти годишно, но и создаваат богатство и мултикултурализам во студентскиот живот на земјата.