Охридско училиште забрани ученички со марама да одат на час, МОН и Омбудсманот се докажуваат

Народниот правобранител ја осуди постапката на Министерството за образование, чиј допис, посочуваат, му овозможил на директорот на ОУ „Братство и единство“ од Охрид да забрани посетување настава за две ученички што носеле шамија на глава. Од МОН појаснуваат дека до нив се обратил родителот на двете ученички, при што му одговориле дека основното образование е задолжително, а директорот е тој што организира, планира и води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обрските на учениците.

„Зачудува погрешното толкување на дописот на МОН дека со него се дава дозвола за било какво однесување на директорот или на родителот на ученичките.

Напротив, МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи“, стои во „дипломатскиот“ одговор од МОН.

Омбудсманот пак исто така се повикува на Уставот.

„Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права предвидуваат и дозволуваат слобода на вероисповед и слобода на изразување на религијата, а според Конвенцијата за правата на детето, слободата на манифестирање на вероисповедта може да потпаѓа само под ограничувања предвидени со закон, а вакви ограничувања не се предвидени со Законот за основното образование и со другите позитивни законски прописи“, се вели во реакцијата на правобранителот.

 

Од МОН укажуваат дека директорите на општинското основно училиште се избираат од страна на градоначалниците на предлог на училишниот одбор на основното училиште.

„Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот. Понатаму во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење на прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука“, додаваат од МОН.