Со перформанс пред Општина Охрид и селото Лагадин, Охриѓани денеска излегоа на протест за да побараат мораториум на градежната експанзија за да се зачува статусот на Охрид и Охридското Езеро како светско културно и природно богатство заштитено од УНЕСКО.
Како што појаснуваат активистите од здруженијата Охрид SOS и „Стар Лагадин“, поддржани од повеќе еко-здуженија, протестираа за исполнување на обврзувачката препорака бр. 6 од УНЕСКО – мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации до донесување на сеопфатна планска документација во согласност со принципите на паметен и одржлив развој на регионот.
Тие прво се собраа во Лагадин, пред една од новите згради кои го узурпираат влезот во селото, каде гласно, со тропот по буриња и тапани ги повикаа граѓаните да им се придружат.
Потоа се упатија кон општината, каде уште еднаш, гласно и недвосмислено побараа да запре уништувањето на градот.
Од Охрид SOS ги поздравија заклучоците од Надзорната расправа на Комисијата за култура за охридкиот регион објавени денеска во кои:
„Се укажува на Владата на Република Македонија да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017), со посебен акцент на препораката број 6 за ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ВРЕМЕН МОРАТОРИУМ НА СИТЕ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН, сè до донесување на потребните планови (План за управување со Доброто, граници на Доброто, инвентар на природното и културното наследство, подобрување на релевантните законски одредби и друго)“.
Фото: Мартин Коловски