Охрид SOS обвинува за „каубојски“ депортиран научник, МВР вели дека немала виза

По вчерашното обвинување на еколошката организација Охрид SOS за неоправдано депортирање на колумбиски научник од аеродромот во Скопје, која требала да учествува на Конференција за блатни екосистеми во Охрид, Министерството за внатрешни работи одговара дека депортирањето било направено поради немање на соодветна виза, без прекршување на никаква процедура.

На Фејсбук профилот на Охрид SOS вчера беше објавено дека научникот од Колумбија, која живее и работи во Швајцарија, била итно депортирана, со ставен црн печат во пасошот, и покрај обидите, како што стои во статусот, да укаже дека исполнува еден од условите за дозвола за влез во Македонија – шенген виза со повеќе влезови.

„Кои биле службениците што вчера каубојски си дозволиле да депортираат научник како да е најголем криминалец назад во Швајцарија? Какви санкции ќе сносат и кој ќе ја надомести штетата што ја направиле лица некадарни да бидат вработени на тие позиции на кои се?“, напишаа од Охрид SOS.

Од МВР денеска демантираат дека имало било какви неправилности во одбивањето на влез во земјава на колумбиската државјанка.

„По извршената пасошка контрола, констатирано е дека Н.О.П. не поседува валидна виза за влез во Република Македонија и на ова лице му е одбиен влез во Република Македонија. Службениците на граничната полиција постапувале согласно законските прописи и ничии права не се повредени ниту пак некој е насилно качен во авион“, посочуваат од Министерството.

Од МВР додаваат дека колумбиската државјанка имала колумбиски пасош, со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободувало од обврската за поседување виза за влез во Македонија.