Охрид СОС: Не запира пустошот во шумските атари меѓу Вапила, Сирула и Расино

Пустошот кој се случува во шумските атари на потегот помеѓу селата Вапила, Сирула и Расино не запира. Овој богат шумски предел е опустошен, фотографиите во прилог доловуваат многу малку од оваа катастрофа. На самото место се слушаа само моторните пили, реагираат од Охрид СОС.

Според иницијативата, која фотографиите ги објави на социјалните мрежи, ова се случува на само неколку километри од Охрид.

Од таму посочуваат дека реагирале до ЈП „Македонски шуми“, до шумската полиција, да се дознае за што се работи, дали тие ја изведуваат оваа сеча или некои нелегални групи.

„Доколку нивните служби го прават ова, бараме од нив да кажат какви компензациски мерки ќе се одвиваат и кога ќе се пошумува овој крај. Дополнително, дали постои некаков план според кој работат. Доколку е сепак недозволена сеча, ќе бараме да се вклучи и Министерство за внатрешни работи“, стои во реакцијата на иницијативата.