Охрид SOS: Не престанува расфрлањето отров, последиците опасни и за луѓето

Во текот на вчерашниот ден се пронајдени мртви или во фаза на умирање неколку животни во селото Радожда близу Струга, меѓу нив и еден лебед, информираат активистите на Охрид SOS, кои велат дека животните биле жртви на незаконско расфрлање отрови.

„Ние, активистите на ОхридSOS сме згрозени од последните труења на животни во Охрид и Струга и би сакале да изразиме сериозна загриженост за незаконското расфрлање отрови на територија каде живеат ретки и ендемски видови флора и фауна од огромно еволутивно значење и кои играат огромна улога во опстанокот на локалните екосистеми.

Во последните неколку месеци низ повеќе населени места во Охрид и Струга бевме сведоци на зачестени случаи на незаконско расфрлање отров- пестициди и инсектициди кои во Р.Македонија може да ги купи и дете во количина доволна да отруе цел град. Последиците од отровите беа полумртви и мртви бездомни и домашни кучиња и мачиња, а последната жртва е и еден примерок на нем лебед во селото Радожда“, се вели во реакцијата на Охрид SOS.

Активистите се загрижени за последиците од отровот врз останатите диви видови кои се дел од уникатниот екосистем на Охридското Езеро. Тие велат дека последиците можат да бидат погубни и за луѓето кои ловат риби од езерото за храна. На езерото има и птици преселници кои отровот можат да го пренесат и преку границите на државата, појаснуваат од Охрид SOS.

„Целата состојба станува уште поопасна поради својството за лесно продирање во подземните слоеви на почвата кое го имаат одредени видови отрови и на кој начин би можеле да ја контаминираат водата за пиење во регионот. Испарувањето на езерото би го донел отровот во контакт со атмосферата каде преку дождот би можел да контаминира и зарази поголема површина и да предизвика вистинска еколошка катастрофа“, реагираат активистите.

Поради ова, тие бараат од надлежните институции да реагираат брзо и навремено, да ги фатат сторителите на делото незаконско расфрлање отрови на јавни површини и да спречат идни вакви активности. Воедно, бараат од Министерството за животна средина и просторно планирање на Р. Македонија веднаш да реагира за случајот на труење на заштитен див вид во републиката- немиот лебед. До граѓаните, пак, апелираат да бидат одговорни и совесни и доколку имаат некои сознанија за труењата да пријават во надлежните институции.