Оглас на Ebay – се продава „бескорисниот пакистански премиер“ Наваз Шариф

После британскиот премиер Дејвид Камерон и претседателот на Египет, Абдел Фатах ак-Сиси, дојде ред на Ebay да „се продава“ и пакистанскиот премиер Наваз Шариф. Шариф моментално се соочува со истрага за тајните офшор компании на неговото семејство, откриени во Документите од Панама.

На огласот, тој е опишан како „бескорисниот пакистански премиер Наваз Шариф“, а неговата состојба е „нов, со дефекти“. „Продавачот“ додал и дека „производот не е во работоспособна состојба“, „не работел никогаш“ и „е генетски неисправен и корумпиран“, пишува Mashable.

За огласот наддавале повеќе од 100 купувачи, кои понудиле максимална сума од 92 илјади долари. огласот бил потоа отстранет од британската верзија на познатата веб страница за онлајн продажба.

Во огласот се додава и дека Шариф „може да се најде повеќе во Англија, Америка и Турција, повеќе отколку во Пакистан“, со „цел бизнис, сопственост и семејство во Лондон, но сепак сака да биде премиер на Пакистан“.

Шариф е под истрага откако три од неговите деца беа најдени во Документите од Панама. Иако тој негираше било каква поврзаност со перењето на пари, опозиционерските лидери побараа независна истрага. Шариф моментално се наоѓа во Велика Британија на медицински третман.