Одлука во Центар: Укинати додатни училишни трошоци за социјално загрозени деца

Советот на Општина Центар на својата 18. седница едногласно ја изгласа одлуката за укинување на додатни училишни трошоци за сите деца од категории на социјална загрозеност, со специфично препознавање на децата од еднородителските семејства.

Со тоа, прифатен е предлог амандманот на Претседателката на Советот на општина Центар, Јана Белчева Андреевска, а поттикнат од иницијативата на „Една Може!“.

Со оваа одлука и нејзино ефективно спроведување преку соработка на општината, училиштата, бизнис секторот и експертките од граѓанските организации, на децата од опфатените категории треба да се овозможи инклузивност кон рамноправна иднина.

За целите на иницијативата, „Една Може!“ изработи компаративно истражување на слични социјални мерки и инструменти кај земјите членки на ЕУ од Источна Европа. Исто така и вредност на минимална синдикална кошничка кај еднородителските семејства, што е првата симулација од ваков тип.

„Од интервјуирани над 200 самохрани мајки, само 10% од нив ја заработуваат минималната сума од синдикалната кошничка за еднородителски семејства. А пак, месечните трошоци за целодневен престој, странски јазик, физичка активност и месечни детски списанија, не влегуваат во севкупната сума на минималната кошничка. Ова зборува дека и тие 10% од самохраните мајки, многу тешко можат да си дозволат да ги покриваат месечните издатоци за воншколски, но во текот на целодневната настава, до 17 часот, активности кои ги нудат бизнисите со кои школите склучуваат соработка“, изјави работниот тим на експертки од „Една може!“, пренесува НВО Инфоцентар.

Според претседателката на „Една може!“, Дороти Пачкова, ова е резултат на долгогодишни заложби за социјална инклузија на жените самохрани мајки и на еднородителските семејства, вклучително и на децата, но и на плодовите од вклучувањето и соработката со/на жени во јавните сфери, во политиките.

„Само вака, сите заедно да го правиме ова општество солидарно, емпатично и мудро, раководејќи го со цел да може сите негови граѓани/ки да функционираат согласно семејните околности, различности и посебности и взаемно да го извлекуваме најдоброто од нас и од општественото живеење. Секако сметаме дека женската солидарност, „сестринството ставено во контекст“, одигра голема улога, и искрено се надеваме дека и другите претседатели и претседателки на општинските совети во Македонија ќе го следат примерот на општина центар и после резултатите кои ќе ги мониторираме заедно со комисијата за образование, а се однесуваат на оваа одлука, ќе можеме овој солидарен пример да го примениме низ сите општини“, вели Пачкова.

Според организацијата, преку оваа иницијатива се создава мрежа на влијателни жени во политика кои преку женска солидарност ќе работат на заеднички развојни програми.

Иницијативата доби широка поддршка од бројни женски граѓански организации:  Национална мрежа против насилство врз жени – Глас против насилство, Платформа за родова еднаквост, ОЖ Клеа, ТАКТ, ОЖ Кумановка, Коалиција Маргини, ФООМ, Мрежа за заштита од дискриминација, Хелсиншки Комитет за човекови права, ЕССЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Реактор, Рома С.О.С., Тиит!Инк. и Хопс.