Од 10 до 13 години затвор добија седум лица за нападот на Села на „крвавиот четврток“.

На вкупно 81 година и шест месеци затвор беа осудени седумтемина обвинети за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, при упадот во Собранието на 27 април минатата година.

Кривичниот суд на највисока казна го осуди Никола Војминовски – 13 години и 6 месеци затвор. По 13 години затвор добија Кире Георгиевски и Александар Јаневски – Тошта, додека Андреј Мицов, Николче Димитриевски, Оливер Ошаковскии и Коста Делов добија по 10 години и шест месеци затворски казни, откако судот сите ги прогласи за виновни дека со умисла се обиделе да го убијат пратеникот Села.

„Од изведените докази се утврди дека обвинетите на 27.04 во критичното време биле во Собранието на Република Македонија, биле во прес-салата, каде се наоѓала затекнатата група на пратеници, меѓу кои и пратеникот Зијадин Села, сега оштетен. Се утврди и тоа дека сите обвинети преземаат инкримирани дејствија кон оштетениот, физички го напаѓаат и удираат по целото тело и главата и го доведуваат во состојба на бесознание, во која не дава знаци на живот, и со тоа се исполнети елементите на битието на кривичното дело убиство“, изјави при соопштувањето на пресудата судијката Славица Андреевска.

Во едно од претходните судења во овој случај осудени беа и Стојан Павлевски на казна затвор од три години и Цејо Георгиевски, кому судот му изрече затворска казна од една година и два месеци.

Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор.

Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.