Обоен Уставниот суд, судиите ја стопираа одлуката за распуштање на Собранието

Уставниот суд  ја стопираше одлуката за распуштање на Собранието со што отвори можност за свикување собраниска седница за одложување на предвремени парламентарни избори од 5 јуни. Судот утрово, на иницијатива на ДУИ расправаше за уставноста на одлуката за распуштањето на Парламентот. Времената мерка за стопирање на одлуката е донесена едногласно, а ќе важи до конечната одлука на судот.

На денешната расправа и претходеше ноќно боење на зградата на судот, во препознатливите бои на Шарената револуција. На шаренилото стоеше потпис Протестирам, а следеше и реакција од неформалното движење кое побара судиите да се вратат на страната на правдата.

„Судии, денес ќе треба да одлучите дали да поведете постапка по иницијативата за преиспитување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието. Да ве потсетиме дека таа Одлука беше донесена пред рокот предвиден за нејзино донесување, односно 60 дена пред датумот на избори и без притоа да се води сметка за фактот дека услови за фер и демократски избори во Република Македонија НЕМА! Непрочистен избирачки список, неспроведени реформи во медиумите и сѐ уште висок степен на корупција и неодвоеност на партијата од државата.
Денес конечно ќе треба навистина да ја одиграте својата улога на заштитници на правата и слободите на граѓаните и да застанете на страната на правдата и законот. Бруталноста на таа одлука и бескрупулозноста во спроведувањето на намерата да се оди на избори во услови на целосно укинување на правната држава, претставува чин на сурова диктатура! Денес треба да се ставите над интересите на злосторничкото здружение и да донесете одлука која ќе ги врати кредибилитетот и довербата на граѓаните во Уставниот суд. Денес треба да победат правдата и законот, “ стои во реакцијата на Протестирам.