[Обновено] Во поканите на Иванов, Заев е уште градоначалник на Струмица

Претседателот Ѓорге Иванов на церемонијата на положување цвеќе по повод Илинден го поканил и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и покрај тоа што македонскиот премиер уште од крајот на минатата година не е повеќе на оваа функција.

Покрај фотографиите од писмото со поканата, на фејсбук страната на општината е ставен и одговорот на в.д. градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој решил да се пошегува со оваа грешка на службите на претседателот Иванов.

„Поканата од Ваша страна е испратена до г. Зоран Заев, Градоначалник на општина Струмица. Ве потсетуваме дека Господинот Заев од 2016 година не е градоначалник на општина Струмица и дека тој, по добиениот мандат од Ваша страна е Премиер на Република Македонија“, стои во одговорот до претседателот Иванов.

Од кабинетот на Претседателот Иванов, по објавата на писмото, се извинија за превидот на протоколарните служби.

„Кабинетот на Претседателот на Република Македонија информира дека е настаната техничка грешка при упатувањето покана до градоначалникот на општина Струмица за присуство на прославата на државниот празник „Илинден“ во Скопје и воедно се извинува за настанатиот превид на протоколарните служби во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Информираме дека до г. Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, е испратена покана за негово присуство“, стои во одговорот од претседателскиот кабинет.

*Текстот е дополнет со реакцијата од кабинетот на Претседателот.