Објавени резултатите од #РедизајнСкопје, иницијативата за редизајн на јавни површини од Скопје Лаб

Втората фаза од иницијативата Редизајн на јавни површини во Скопје – Скопје 2.0 промовира еден нов иновативен и инклузивен пристап во креирање на концепти кој се води по принцип – ко-дизајнирање со граѓаните за граѓаните.

Во втората фаза се опфатија девет јавни површини кои биле мапирани во соработка со Град Скопје, под менторство на Владимир Ѓоргиевски, Сара Симоска, Ирена Милојеска, Никола Ѓорѓиевски, Ива Петрунова, Дамјан Момировски, Лидија Ристовска и Оливер Илиевски.

Погледнете ги финалните концепти од работилницата за редизајн на јавен простор.

Со концептот за улицата „Коле Неделковски“ на Беким Бајмак и Бобан Трпо, би се зголемил бројот на посетители на улицата и би се зголемила социјализацијата помеѓу станарите. Преку редизајнот би се решил проблемот со паркирањето, односно би се променил односот на граѓаните кон улицата. Според проектантите,  оваа улица повеќе нема да е место каде ги паркираат колите, туку место каде што можат да се сретнуваат и дружат. Понатаму улицата би станала препознатливо место и за граѓаните кои не живеат таму поради „водениот ѕид“.

Проектантите Перица Кипријановиќ и Живкица Димитријеска веруваат дека овој редизајн ќе придонесе кон поголема социјализација помеѓу жителите и граѓаните, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипедисти, пожива улична атмосфера.

Според замислениот редизајн на Братислав Зарески и Сања Кесеровиќ, локалните жители го одржуваат овој ново-вграден простор (полевање на растенијата, чување на урбаната опрема од несовесните граѓани); одржување на приватни собири помеѓу соседите и мини-манифестации отворени за граѓаните од целиот град.

Во редизајнот на Фросина Ангелеска и Јована Величковиќ, челичната конструкција на игралиштето е поделено во еднакви модули, кое може да се изведе на најразличен начин. Со ваквото поставување на детските реквизити за играње, се предвидува и простор за седење на родителите. Со ова решение ќе се обезбеди поголема социјализација, повикување на децата надвор на улица, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипеди и жива улична атмосфера.

Проектантите Несим Рочи и Љубица Ефтимова сметаат дека редизајнот ќе донесе до решавање на проблемот со нелегално паркирање и улицата да се користи за социјализација и одмор освен за поминување. Одржување на мали настани и состаноци на отворено со организирано седење на рампата долж широчината на улицата што би му дало нов идентитет на местото – како место за средба. Ваквата содржина би ја зголемила социјалната интеракција на граѓаните и би ја зајакнала маалската заедница.

Маја Вукадиновиќ со вториот редизајн на улицата „Коле Неделковски“, смета дека сововедување на овие промени се зголемува и безбедноста на улицата. При интеракциите луѓето повеќе се запознаваат со што го враќаме тоа чувство на соседство како социјална структура, а не само физичка поставеност.

Редизајнот на Димитар Милев, Фросина Ангелеска, Братислав Зарески, Антонија Крајчева и Бојана Митковска за паркот „Форум“ е метална конструкција создадена од модули, која би била поставена на работ од зелената површина. Посетителите на паркот ќе можат да ги земат столчињата и самите да го формираат својот простор за седење. Тие велат дека седиштата на овие столчиња ги замислиле како платна за уметност. Закачени на металната конструкција, столчињата би формирале импровизирано уметничко дело кое би било интересно за гледање.

Со редизајнот на Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Томислав Поповски и Ермал Белули, за студентскиот дом „Гоце Делчев“ студентите ќе имаат можност на различен начин да го искористат секој дел од просторот.

Редизајнот на Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи и Марко Мараш за плоштад „Балет“ се состои од интервенции кои содржат нови елементи за седење, нови елементи за поставување на зеленило, нови светлосни елементи и апликација на силни бои со цел да го разбудиме просторот и да му донесеме нов амбиент. Истите тие интервенции би можеле да почнат да се поставуваат откако тој простор ќе биде среден според горенаведените препораки.