Објавен конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2017 година

Управниот одбор и дирекцијата на Струшките вечери на поезијата распишаа конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивали, објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2016 година до 31 мај 2017 година. Конкурсот трае од 1 до 20 јуни оваа година.

На конкурсот, како што соопшти Националната установа Струшки вечери на поезијата, можат да бидат пријавени само дела од еден автор. Коавторски дела се неприфатливи. Освен на македонски јазик, може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик.

Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик. Пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи во согласност со нив, еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови, а избори или книги во кои има препечатени делови од други книги нема да бидат земени предвид.

Книгите, како што е наведено, мора да имаат ISBN број, а дела од членови на Управниот одбор, директорот, вработените во СВП или на членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.

– Со учеството на конкурсот се смета дека добитникот ги отстапил авторските и издавачките права на НУМ СВП за употреба во промотивни и некомерцијални цели на целата книга или на делови во оригинал или во превод на други јазици во печатена или дигитална форма, на интернет, како и за други настани поврзани со наградата и наградениот поет, стои во правилникот на конкурсот.

Пријавените книги ќе ги оценува жири-комисија од пет члена, а одлуката за добитникот ќе биде соопштена за време на одржувањето на годинашното издание на Струшките вечери на поезијата во Струга.

Најпрестижната национална награда за книжевност „Браќа Миладиновци“ се состои од плакета и паричен износ, кој годинава е зголемен за 50 отсто во однос на претходните години и изнесува 150.000 денари.

Авторите или издавачите за учество на конкурсот треба да испратат шест примероци од книгата на следната адреса: Струшки вечери на поезијата, поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Македонија.