Објавен конкурс за стипендии „Ацо Шопов“ за студенти од втор и трет циклус

Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ објавува конкурс за доделување стипендии „Ацо Шопов“ на млади истражувачи од втор и трет циклус студии. 

Како што информираат оттаму, стипендиите се наменети за млади истражувачи кои во полето на хуманистиката во својот пристап ги инкорпорираат вредностите со кои се одликува творештвото на Ацо Шопов, односно: хуманизам, космополитизам, мултикултурализам и интеркултурна комуникација, еднаквост, толеранција и сл., а во доменот на научноистражувачката методологија се придржуваат до современите научни парадигми.

„Право да конкурираат, имаат студенти запишани на втор и трет циклус студии, чија тема на магистерски или докторски труд е веќе прифатена од наставно-научниот совет на факултетот на кој студираат, чиј магистерски или докторски труд ѝ е посветен најмалку во една третина на македонската современа поезија и најмалку во една четвртина на творештвото на Ацо Шопов, и кои во текот на студиите постигнале најмалку 8 просечен успех“, велат од Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.

Конкурсот е отворен до 25 јуни.

Повеќе детали може да најдете тука.