МОН објави повик за реконструкција на блокот А во „Гоце“

Министерството за образование и наука објави оглас за избор на компанија што ќе треба да ја направи реконструкцијата на блокот А, во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Според податоците објавени на електронскиот систем за јавни набавки, проценетата вредност за градежните активности, без ДДВ, изнесува 1,3 милиони евра.

Компаниите ќе можат да ги поднесат своите понуди најдоцна до 7 декември оваа година, кога е предвидено да се изврши и јавното отворање на сите пристигнати понуди.

Во договорот е вклучена санација и адаптација на блок А, односно ќе се изведуваат градежно занаетски работи од типот на: замена на прозорци, замена на подови, врати, молеро- фарбарски работи, плочки и осветлување согласно потребите и други занаетчиски работи но при тоа нема да се менува ниту функцијата, ниту надворешниот изглед на објектот.

Изминатата година се реконструираше и блокот Б од овој студентски дом , при што тендерот за градежните активности го доби вевчанската фирма „Виа“ , во висина од 1,2 милиони евра. Од МОН информираат дека реконструкцијата на овој блок е целосно завршена, а во тек е дистрибуцијата на новиот инвентар, односно опрема. До овој момент, целосно се опремени и вселени 2/3 од објектот.

Викендов пак, премиерот Никола Груевски изјави дека Владата планира да инвестира во изградба на три студентски домови, два во Скопје и еден во Тетово. Според најавите на премиерот, домовите ќе бидат на местото на поранешните бараки од домот „Медицинар“, потоа кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и кај Државниот универзитет во Тетово.