О2 Иницијатива: Темпото на делување на државата за загадувањето е неприфатливо, излези на протест за иднината

Проблемите со загадувањето, од секаков облик, се огромни. Ефектите од промената на климата која веќе е изменете и ќе продолжи да се менува се исто огромни. Имаме низа на поврзани суштински проблеми, проблеми кои најдиректно нè засегаат, кои го загрозуваат нашето здравје, делуваат најдиректно врз нашите поколенија, а се решаваат пребавно и премалку, се вели во соопштението на организацијата „о2 Иницијатива“, која повикува утрешниот протест и на претстојната „Недела на иднината“.

Темпо на делување на државава за загадување, велат тие, е неприфатливо, односно т.н. „Ќе“ стратегија е недозволена за вакви алармантни услови во кои живееме.

„Пожари ни ги голтаат шумите со огромна брзина, дивосечата ги докрајчува. Заробени децениски дрвја со огромни крошни стојат заробени, забетонирани во градов со топлотни острови, каде зеленилото ни е во дефицит. Летово голем број се исушија поради негрижа. Шумите, дрвјата, зеленилото се главната алатка со која можеме да ги ублажиме ефектите од климатските промени, а односот кон нив е длабоко проблематичен и ја нема воопшто ургентноста која се бара за нивна заштита и зголемување“, велат од еко-организацијата.

Од таму потенцираат дека палењето на сè и сешто насекаде, од стрништа, отпад, кабли за продажба на бакарот, гуми, пластика…. е извор на најтоскичните соединенија кои ги има во мајчиното млеко и се пренесуваат на доенчињта, се пренесуваат преку плацентата и делуваат на сите органи и системи кои се развиваат во фетусот.

„Канцерогени се овие материи. А ние сме секојдневно во огромни количини изложени на нив“, велат еко-активистите.

Исто така, потенцираат дека неспроведувањето на регионалните планови за управување со отпад не смее да се одлага ни за еден ден, а не па за години. Понатаму, меѓу другото, бараат ревизија на целиот систем за експлотација на минерални суровини, а за дивите населби, кои ги има низ цела држава и скоро сите поголеми градови, не може да останат на статус кво.

„Апсолутно недоволната инспекција на сите типови на индустриски објекти, од најмалите до најголемите мора под итно да претрпи измени. Редовните ненајавени мерења мора да станат норма. 24 часовна инспекција на терен е неопходна и ништо помалку од тоа. При горење на различен тип на отпад, како Усје, на гуми, како Фени и сл, континуирано мерење на диоксините мора да е со закон обврзувачко, а податоците јавно достапни. Адаптација на земјоделието, на наводнувањето и редица други мерки се неопходни за прилагодување на изменетата клима за да се избегнат постојаните негативни ефекти на уништен род“, забележуваат еко-активистите.

Околу користењето на чиста вода за пиење за потребите на индустријата, како 30% од водата од изворите на Рашче за комплексот Железара, сметаат тие, е недозволив во време на климатски промени и зголемување на сушните периоди.

„Решавањето на огромната количина на отпад, опасен отпад, полн со арсен, линдан, жива, шестовалентен хром, сите канцерогени и високо токсични, од старите индустриски жаришта не смее да се одлага повеќе и решавањето мора да се одвива паралелно за сите. Има уште цела редица на проблеми кои не ги наведуваме во овој момент, а не смее да чекаат, од областа на енергетика, сообраќај, греење, градежништво, урбанизам, мониторинг, итн“, соопштува О2 Иницијатива.

Оттука потенцираат дека пораката на Неделата на иднината е една – бараат брзо и сеопфатно делување на сите фронтови, без одлагања и без оправдувања.

Инаку, Неделата на иднината започнува утре (петок, 20 септември) од 13 часот со протест кај Влада.

„Училиштата да ги ослободат своите ученици и би било пожелно самите да се придружат масовно на протестот за иднината на своите ученици. Блокада во Карпош, на раскрсницата кај Сити Мол ќе се случи во сабота, 21ви во 17:30ч, како израз на револт на постојаното чекање на некакви мерки кои ќе доведат до чист воздух, а секојдневното гушење во смрдеа и чад. Во среда, 25 септември, #НеБидиЃубре ќе има акција во која ќе учествуваме. Истиот ден во 18:30 ќе започне панел дискусија во кафе Котур на тема климатски промени. Наредниот ден, четврток, 26ти, со почеток во 17ч ќе се одржи работилница на тема политичка екологија и климатски промени. Последниот ден, петок 27ми завршува со марш за климата, ќе почне во 13ч пред МЖСПП, па преку Собрание до Влада, под иницијатива на Fridays For Future Skopje“, велат од О2, повикувајќи ги сите граѓани да дојдат, да излезат и да се придружат на бројните организации и иницијативи во Неделата на иднината.

Сите што ви смрди, не можете да отворите прозори сред лето, се гушите додека возите точак, додека се шетате/трчате покрај кеј, ве гуши воздухов каде и да мрднете, излезете на протест, блокада, марш, акција.  Изговори не сакаме од надлежните, туку решенија. Немојте и вие да ги употребите, излезете, реагирајте со конкретни активности, а не само со негодување“, повикува О2 Иницијатива.