НВО Инфоцентар: Пописот на населението треба да биде приоритет на новата влада

„Македонија е единствена земја во Европа без спроведен попис на населението веќе 14 години и оваа исклучително важна статистичка операција не зазема значајно место во изборните програми на партиите и на коалициите“, велат од граѓанската организација НВО Инфоцентар.

Сепак, во досегашната предизборна кампања, попис на населението планираат само СДСМ, Либерална партија (ЛП) и Ливица, при што, единствено ЛП има рок за негово спроведување.

„ВМРО за Македонија, на своите митинзи, најавува попис на населението, но главно со акцент на неговата етничка димензија. Нема информации дали пописот е и официјално вграден во програмата на оваа коалиција, зашто не е објавена на интернет страниците на нејзините партии. ВМРО-ДПМНЕ, пак, пописот го спомнува во својата изборна програма, но само општо и во делот „Електронски регистар на населението“, без да се заложи за негово спроведување. Другите партии чии програми се објавени и достапни за јавноста (програми кои успеавме да ги најдеме на интернет страниците на партиите), немаат планови поврзани со пописот и со регистрите на граѓани“, посочуваат од организацијата.

Имајќи го сето ова предвид, НВО Инфоценарот, ги потсетува учесниците во изборниот процес на очекувањата и на препораките од граѓанската и експертската јавност поврзани со пописот. Тие бараат итен приоритет за новата влада да биде подготовката и спроведувањето сеопфатен попис на населението, според сите меѓународни стандарди и со засилено меѓународно набљудување.

„Новата влада ќе треба да обезбеди политички консензус и волја да се реализира пописот, а тоа подразбира да се решат политичките прашања и да му се дозволи на Заводот за статистика, стручно и независно да ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција. Во Македонија не постојат услови за спроведување попис базиран на регистри. Од клучно значење е да се спроведе релевантен и кредибилен попис преку традиционално теренско попишување на населението. Паралелно со ова треба да се спроведуваат активности за  создавање и поврзување на регистрите на граѓани“, стои во реакцијата на НВО Инфо центар.