„Њујорк тајмс“ бара легализација на марихуаната

Весникот „Њујорк тајмс“ во својот уводник бара легализација на марихуаната и федералната забрана на лесната дрога ја споредува со периодот на прохибицијата во САД (1920-1933), кога беше забрането производство, транспорт и продажба на алкохолни пијалаци.

„Њујорк тајмс“ бара легализација на марихуаната

Под наслов „Повторно укинете ја прохибицијата“ се наведува дека законот за марихуаната најтешко ги погодува младите Афроамериканци и оти зависноста е „релативно мал проблем“ кога ќе се спореди со алкохолот и цигарите.

– Беа потребни 13 години САД да се опаметат и да ја укинат прохибицијата, 13 години во кои луѓето продолжија да пијат, чесните граѓани станаа криминалци, а цветаа криминалните организации. Поминаа повеќе од 40 години откако Конгресот ја забрани марихуаната, со што е нанесена голема штета на општеството само за да се забрани супстанца која е помалку опасна од алкохолот. Федералната Влада треба да ја укине забраната за марихуаната, пишува „Њујорк тајмс“.

Весникот наведува податоци на ФБИ за 2012 година, кои покажуваат дека поради поседување на марихуана се уапсени 658.000 лица, многу повеќе во споредба со луѓе уапсени за поседување на кокаин, хероин и други наркотици, пренесе МИА.

– Резултатот од тоа е расистички, бидејќи највисоката цена ја плаќаат младите Афроамериканци, на кои им се уништува животот и се создаваат нови генерации на криминалци, посочува „Њујорк тајмс“.

Весникот предлага да се воведе забрана за продажба на марихуана на лица помлади од 21 година, но истакнува дека „умерената употреба на марихуана не е ризична по здравјето на возрасните лица“.