„Новинарство ослободено од притисоци“ – Порака од новинарските здруженија на Денот на слободата на медиумите

На Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, македонските новинарски организации порачуваат дека денеска, повеќе од било кога претходно, станува јасно значењето на независното и професионално новинарство.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) во заедничко соопштение велат дека кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата ги исфрли на врвот предусловите за функционална демократија – а тоа е дека новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен.

„Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните. Затоа, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија, повикуваат на солидарност и поддршка, пред се од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во последните два месеци се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот правилно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата“, посочуваат ЗНМ и ССНМ.

Според нив, последниот извештај на „Репортери без граници за слободата на медиумите“, каде С. Македонија се наоѓа на 92-ти место е разочарувачка позиција и потсетуваат дека нивните барања, како и минатата година, се темелни реформи во медиумскиот сектор со цел создавање амбиент во кој новинарите и медиумскитеработници би можеле да ги извршуваат своите работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба.

„Потенцираме дека најавените намалувања на плати, или намалување на кадарот во некои медиуми е недозволиво, особено во услови кога повеќе од кога било е потребно новинарството и медиумите да ја играат својата улога на чувар на јавниот интерес. Без слобода на изразување, независни и критички медиуми не е можно воспоставување на функционална демократија, но и надминување на кризи како актуелната пандемија“, додаваат од ЗНМ и ССНМ.

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод Денот на слободата на медиумите повикува на зголемена одговорност во почитувањето на фундаменталните принципи на слободата и независноста на медиумите, како и на заштита на новинарите и медиумските работници во исполнувањето на нивната одговорност за професионално информирање во интерес на јавноста.

„Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности. До власта и институциите на системот и натаму апелираме секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата“, стои во реакцијата на СЕММ.

Од Советот посочуваат и дека од суштинско значење е активната улога на професионалните медиуми во борбрата против дезинформациите и неетичкото известување. Од СЕММ додаваат дека последниве месец и половина, речиси 80 проценти од пријавените случаи се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, при што во 30 проценти од нив станува збор за сензационалистичко, еднострано и некоректно информирање на јавноста.

Од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) упатија честитки до сите медиумски професионалци, потенцирајќи дека пандемијата со Ковид-19 покажа колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни, проверени информации базирани на факти и обезбедени од кредибилни извори.

По повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) упатува честитки до сите медиумски професионалци, кои и во вонредните услови предизвикани од кризата со Ковид-19 продолжија навремено да ги информираат граѓаните. 

„Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност. Од друга страна, кризата уште повеќе  ја покажа сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи, што може да доведе до загрозување на животот на луѓето и влошување на безбедноста на граѓаните. Состојбата станува уште поопасна кога овие дезинформации ги шират поединци и институции со влијание, бидејќи поттикнуваат чувство на несигурност и недоверба во системот. За успешно справување со рапидното ширење лаги, манипулаци и говор на омраза, потребен е проактивен ангажман на сите општествени чинители, пред сè на властите и на државните институции, политичките партии, претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор, академската сфера и сите граѓани како корисници на медиумските услуги“, наведуваат од МИМ.

Овогодишниот Светски ден на слободата на медиумите ќе се одбележи под слоганот „Новинарство без страв или наклонетост“, со бројни онлајн дискусии и работилници. Целта на глобалната кампања е подигнување на свеста за прашањата поврзани со безбедноста на новинарите, нивната независност од политичко или комерцијално влијание и родовата еднаквост во сите аспекти од медиумите.

Светскиот ден на слобода на печатот беше прогласен од Обединетите Нации во декември 1993 година по препорака на УНЕСКО. Оттогаш, 3-ти мај, годишнината на Декларацијата од Виндхук, се одбележува како Светски ден на слободата на медиумите.