Новинарскиот синдикат ги поддржа студентските протести

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници уште еднаш ја реафирмираше својата недвосмислена поддршка на „Студентскиот пленум“ како автентичен изблик на студентско самоорганизирање и најавениот протест во петок насочен против државниот испит во високото образование кој власта се обидува да го наметне набрзина и без јавна дебата.

„Членовите на Студентскиот пленум не треба да се откажуваат од досегашниот начин на борба, мирно и аргументирано да ги соопштуваат ставовите, иако властите се оглушуваат на нивните аргументи и бегаат од соочувања со студентите“, велат од синдикатот.

ССНМ ги повика своите членови, новинари и медиумски работници, својата солидарност да ја искажат со тоа што ќе им се придружат на студентите и професорите кои ќе протестираат, а при информирањето ќе се придржуваат на професионалните принципи, ќе ја одбијат наметнатата пропаганда која се коси со професионалната етика и ќе се борат против цензурата и автоцензурата со која се соочуваат во своите редакции.