Новинарски и медиумски здруженија: Функционерите да се воздржат од тужби кон медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) сметаат дека јавните функционери треба да се воздржат од тужби за новинари, а медиумите професионално да работат.  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги пак ги повикува политичарите да се воздржат од тужби кон медиумите и да не ја загрозуваат слободата на изразување.

Повиците доаѓаат откако премиерот Зоран Заев и високите владини функционери Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Фросина Ременски најавија тужби за „Инфомакс“ и „Република“ заради пишување и ширење дезинформации за нивна вмешаност во случајот „Рекет“.

Од ЗНМ и СЕММ укажуваат дека патот кон професионализацијата на медиумите треба да се води преку саморегулаторните тела, а прагот на толеранција кај политичарите мора да e повисок и тие треба да постават пример за квалитетно користење на механизмите и телата за саморегулација. Во исто време ги повикуваат медиумите да се држат до професионалните стандарди при известувањето, објавувајќи проверени и точни информации, следејќи го јавниот интерес, а не во полза на пропагандистички наративи.

„Апелираме до медиумите да се стремат да ги почитуваат врвните професионални и етички стандарди, бидејќи кршењето на тие стандарди не е во ничиј интерес, а најмалку во полза на довербата во медиумите. Дополнително, праќаме порака до Основното јавно обвинителство дека непримерно е да дава оценка за тоа кои медиуми се (не)одговорни, потсетувајќи дека тоа е работа на еснафот и на публиката“, стои во нивното соопштение.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги пак смета дека најавите за тужби претставуваат директен притисок врз работата на медиумите особено кога известуваат за теми од висок степен на јавен интерес.

„Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест и затоа мора во интерес на јавноста, да објавуваат сеопфатни и проверени информации. Како што е наведено во Декларацијата за слободата на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа `правото на изразување со себе носи обврски и одговорности за кои вработените во медиумите мора да водат сметка`“, велат од АВМУ.

Од Агенцијата апелираат првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции.

Заев, Шеќеринска, Димитров и Ременски најавија дека ќе ги тужат порталите Инфомакс и Република кои објавија скениран документ од исказот на бизнисменот Орце Камчев за рекетирањето од Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец. Инфомакс прв го објави документот од исказ во ОЈО на Орце Камчев кој се однесува на рекетирањето од Јовановски и Кичеец.