Новинарка на “Russia Today” во живо даде оставка поради Украина

Лиз Вал, водителка на “Russia Today” – руската телевизија која се емитува во САД – вчера поднесе оставка во живо, велејќи дека не може да се согласи со начинот на известување од кризата во Украина.

Новинарка на "Russia Today" во живо даде оставка поради Украина

Вал изјави дека потекнува од семејство кое побегнало во САД по советската инвазија на Унгарија, и поради тоа не може веќе да работи за РТ.

– Лично веќе не можам да бидам дел од телевизиска мрежа финансирана од руската Влада, која ги правда постапките на Путин. Јас сум Американка и верувам во ширење на вистината. Затоа давам оставка, изјави Вал.

По оставката, Вал изјави дека од неа било барано да ги менува новинарските извештаи, за да изгледа дека САД се одговорни за кризата во Украина.

РТ се емитува веќе 10 години, а во САД е достапна на над 80 милиони граѓани и се смета за најгледана странска информативна телевизија, по Би-би-си.

Неколку дена пред оставката на Вал, новинарката Ејби Мартин на истата телевизија исто така во живо, го осуди руското распоредување на воени сили во Украина.

Мартин сепак остана да работи за РТ, а уредниците и понудиле да ја испратат на Крим да известува од состојбата на терен, “ако сака да добие подобро сознание како стојат работите“.