Новинарите се закануваат со протести доколку поминат измените во Изборниот законик

Измените во Изборниот законик во делот за медиумите се скандалозни и неприфатливи за медиумската заедница, реагираат медиумските организации.

На, како што ја нарекоа, предупредувачката прес-конференција пред Клубот на пратениците во Скопје, каде што работните групи на политичките партии и посредникот од ЕУ Питер Ванхауте разговараат за реформи во медиумите во согласност со договорот од Пржино, претставниците на медиумските организации рекоа дека најпроблематична е унифицираноста на казните за медиумите што ќе го прекршат изборниот законик, што за малите медиуми се превисоки, како и вметнувањето на интернет-порталите во законот, што според нив е регулација на порталите на мала врата и ограничување на слободата на изразување.

Тие бараат казните за медиумите да бидат скалести во зависност од големината на медиумот, а порталите да не бидат регулирани со посебни медиумски закони.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани го повика посредникот Ванхојте да ги вклучи претставниците на новинарите и медиумите во преговорите меѓу партиите во Клубот на пратеници.

„Со тоа ќе се стави крај на ваквиот нетранспарентен начин на договарање на партиите зад грбот на новинарите, медиумите и јавноста и ќе спречиме лоши решенија кои нема да бидат системски и одржливи, во интерес на слободата на медиумите. Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците. Исто така ќе ги повикаме новинарите и медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија што ќе произлезат од разговорите и партиите сами нека организираат фер и слободни избори без новинарите и медиумите“, вели тој.

Целиот текст прочитајте го на веб-страницата на Радио Слободна Европа.