Нови седум километри велосипедски патеки во Скопје

За да се подобрат условите за возење велосипед екипите на Град Скопје изминатиов период изградија и реконструираа седум километри велосипедски патеки по должината на градските улици и булевари, во општините Кисела Вода, Центар, Чаир и Бутел, соопштија од Град Скопје.

„Во текот на градежните работи беа запазени сите стандарди за изградба на велопатеки – обележана е хоризонталната и вертикалната сигнализација, а на влезот и на излезот од крстосниците рабниците се слеани, за да се овозможи непречено движење на велосипедистите. Изградбата и реконструкцијата на велосипедските патеки се одвиваше во консултација со граѓанските активисти посветени на промоција на велосипедизмот“, наведуваат од Градот.

Нови пешачко-велосипедски патеки добија следниве улици и булевари:

  • булеварот Борис Трајковски, на потегот од поранешната фабрика „Стакларница“ до бараките на Општина Кисела Вода (вкупно 3.029 метри);
  • булеварот Борис Трајковски, на потегот од Рампа до крстосницата со булеварот Крушевска република (вкупно 103 метри);
  • улицата 11.Октомври, на потегот од крстосницата со булеварот Крушевска република до крстосницата со булевар Кочо Рацин (вкупно 1.332 метри);
  • булевар Крсте Мисирков, од крстосницата со булеварот Кузман Јосифовски Питу до клучката кај Бит-пазар (вкупно 1.704 метри);
  • улица Бутелска, од улицата Босна и Херцеговина до крстосницата со улицата Душко Поповиќ (вкупно 620 метри).

Новоизградените седум километри велосипедски патеки се дел од речиси 12 километри велопатеки што се изградени и реконструирани во Скопје, од почетокот на мандатот на градоначалникот Шилегов, се пофалија од Градот. Оттаму напоменуваат дека „Ова значајно унапредување на велосипедската инфраструктура во градот ќе го оценува и Европската комисија при евалуацијата на Градот Скопје за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година“.